Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 12

12
1Кога се насобра многуброен народ, така што луѓето едни на други си ги газеа стапалата, Исус најпрво им се обрати на Своите ученици: „Пазете се од фарисејскиот квасец, односно, од нивното лицемерство!
2Сe што е прикриено, ќе биде откриено и секоја тајна ќе биде јавно изнесена.
3Сe што сте кажале во темнина, ќе излезе на виделина, и тоа што сте го шепотеле во собите, ќе се разгласува од покривите!“
4„Ви велам, пријатели мои: не плашете се од оние што можат да го убијат само телото, а потоа не можат ништо повеќе!
5Да ви кажам од Кого треба да се плашите: плашете се од Бога, Кој, откако ќе убие, има моќ да ги фрли луѓето во пеколот! Ве уверувам дека од Него треба да се плашите!
6Не се продаваат ли пет врапчиња за две парички? Сепак, ниту едно од нив не е заборавено од Бог!
7А вам и влакната на главата ви се броени! Затоа, не плашете се - вие сте многу поскапоцени од јата врапчиња!“
8„Ве уверувам дека, секој што овде на земјава јавно ќе се изјасни дека Ме прифаќа Мене, и Јас ќе се изјаснам дека го прифаќам него, во присуство на Божјите ангели!
9Секој, пак, што овде на земјава ќе се откаже од Мене пред луѓето, ќе се откажам и Јас од него пред Божјите ангели.
10На оној што Ме навредува Мене, Синот Човечки, може да му се прости, но на оној што Го навредува Светиот Дух - нема да му биде простено!
11Кога ќе ве приведат на сослушување во синагогите, пред управници и владетели, не грижете се за тоа како ќе се браните и што ќе зборувате,
12зашто во тој час Светиот Дух ќе ве поучи што треба да кажете.“
13Од народот се огласи еден човек и Му рече на Исус: „Учителе! Кажи му на брат ми да го подели со мене имотот што ни остана од татко ни!“
14А Исус му одговори: „Човеку! Кој Ме поставил Мене да ви пресудувам и да ви го делам имотот!?“
15Потоа им се обрати на сите: „Внимавајте и пазете се од секаков вид лакомство, зашто ни на оној што е многу богат, животот не му е сигурен само затоа што е богат!“
16Потоа им ја кажа следнава споредба: “Си беше еднаш еден богат човек, чии ниви родија богат род.
17Тој почна да размислува вака: ,Што да правам? Немам доволно место да го соберам сиот род!‘
18Па си рече: ,Еве што ќе направам: ќе ги урнам моите складови за жито и на нивното место ќе подигнам поголеми, па во нив ќе го соберам сето жито и сето мое богатство.
19Тогаш ќе и речам на мојата душа: душо, имаш насобрано големо богатство, за многу години. Олабави се, јади, пиј и уживај!‘
20Но Бог му рече: ,Глупаку! Уште вечерва ќе ти ја земам душата! На кого ќе му припадне сето ова што си го насобрал!?‘
21Ете, ваква ќе му биде судбината на секој што си напластува само земни богатства, а не се збогатува со она што вреди пред Бог!“ - заклучи Исус.
22Потоа Исус им се обрати на Своите ученици: „Затоа ви велам: не грижете се премногу за храната и за облеката што ви е потребна.
23Животот е многу повеќе од храната, и телото - од облеката.
24Гледајте ги гавраните: ни сеат, ни жнеат, ниту имаат амбари и складови; нив Бог ги храни. А колку поскапоцени од птиците сте вие!
25Може ли некој да си го продолжи животот преку грижи?
26Па, ако не можете да постигнете ни толку мала работа, тогаш, зошто се грижите за останатото!?
27Погледнете како растат полските цвеќиња: ниту работат, ниту предат, па, сепак, ви велам дека ни царот Соломон, во блесокот на својата слава, не беше накитен како едно од нив!
28Ако Бог вака ја облекува тревата, која денес постои, а веќе утре в оган се фрла, нема ли и за вас да се погрижи? Колку малку вера имате!
29Затоа, нека не ве мачат грижи за тоа што ќе јадете или што ќе пиете - не вознемирувајте се за тоа!
30Тоа им е својствено на народите кои не го познаваат Бога, кои се јадосуваат поради овие работи. Вашиот небесен Татко знае дека тие работи ви се неопходни.
31Вие, пак, грижете се најнапред за Божјото царство, а сите останати работи ќе ви бидат обезбедени.
32Не плаши се, мало стадо, зашто вашиот небесен Татко со задоволство ќе ви го даде Царството!
33Продавајте ги своите имоти и разделувајте им ги парите на сиромасите. На тој начин ќе добиете торби што не се кинат, со трајно богатство на небото - таму, каде што ниту крадци провалуваат, ниту молци уништуваат!
34Зашто, срцето секогаш ќе ви биде таму каде што ви е богатството.“
35„Бидете подготвени - облечени за работа и со запалени светилки -
36како слуги што го очекуваат својот господар да се врати од свадбена веселба. Штом тој ќе пристигне и ќе затропа на вратата, тие веднаш му отвораат.
37Блазе на тие слуги кои господарот ќе ги затекне будни кога ќе се врати. Ве уверувам дека тој ќе се зафати со работа, а нив ќе ги седне и ќе ги послужува!
38Блазе ним ако ги затекне будни, макар тој да се врати на полноќ, или в рани зори!
39Ова запомнете го: кога домаќинот би знаел во кое време ќе му упадне крадец, не би дозволил тој да му провали во куќата!
40Така и вие, бидете подготвени, зашто Јас, Синот Човечки, ќе дојдам во час во кој не Ме очекувате!“
41Тогаш Петар Го праша: „Господе, дали оваа споредба се однесува само на нас или на сите?“
42Во одговор, Господ му рече: „Кој е верен и мудар слуга? Тоа е оној, кого неговиот господар го поставил да раководи со домашните работи и да им дава навреме храна на другите слуги.
43Блазе си му на тој слуга, ако неговиот господар, при своето враќање го затекне како си ја извршува задачата!
44Ве уверувам дека господарот ќе го унапреди таквиот слуга, за да раководи со сиот негов имот!
45Но ако тој слуга си рече: ,Мојот господар ќе го нема уште долго време‘ и почне да ги тепа другите слуги и слугинки, да се оддава на јадење, на пиење и на опивање,
46тогаш, неговиот господар ќе се врати во ден во кој не го очекува и во ненадеен час, и најстрого ќе го казни, фрлајќи го меѓу оние што го изневериле.
47Слугата кој знаел што очекува од него неговиот господар, а не постапил според неговата волја, ќе биде најсурово казнет.
48Слугата, пак, кој не знаел што очекува од него неговиот господар, а направил нешто што заслужува казна - ќе биде поблаго казнет. Многу ќе се бара од оној на кого многу му е дадено. Повеќе се очекува од оној на кого повеќе му е доверено!“
49„Јас дојдов да запалам оган на Земјата - и колку би сакал Мојата задача да беше веќе завршена!
50Мене Ме очекува страшно „крштавање“ и многу Ми е тешко додека тоа не се заврши!
51Зар вие мислите дека Јас дојдов да воспоставам мир на Земјата? Ви велам: не мир, туку раздор!
52Отсега натаму, во семејство од пет членови ќе дојде до поделби за, и против Мене: тројца против двајца и двајца против тројца.
53Татковци ќе бидат против своите синови и синови против своите татковци; мајки против ќерки и ќерки против мајки; свекрви против снаи и снаи против свекрви!“
54Исус му се обрати на народот и рече: „Кога гледате дека се креваат облаци на запад, велите: ,Ќе врне дожд!‘ - и така бидува.
55Кога гледате дека дува јужен ветар, велите: ,Ќе биде горештина!‘ - и така бидува.
56Лицемери! Изгледот на небото и на Земјата умеете да го препознавате, а не умеете да го препознаете ова време!?“
57„Зошто самите не пресудите што е право?
58Ако некој те обвини и те даде на суд, потруди се уште по пат да го разрешиш спорот преку спогодба, за да не бидеш одведен на суд, па судијата да те предаде на органите на законот кои ќе те фрлат в затвор.
59Те уверувам дека нема да излезеш оттаму сe додека не го платиш и последниот грош!“

Селектирано:

Лука 12: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се