Maтеј 6
6
1„Пазете се од искажување побожност и добрина со цел да се покажете пред луѓето, зашто тогаш не ќе имате награда од вашиот небесен Татко.
2А кога давате милостини, не трубете насекаде, како што тоа го прават лицемерите по синагогите и по улиците. Тие го прават тоа за да бидат пофалени од луѓето. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема!
3А ти, кога ќе даваш милостини, твојата лева рака да не знае што дала десната;
4нека бидат дискретни твоите милостини, а твојот небесен Татко, Кој го гледа и тоа што е тајно, ќе те награди јавно.“
5„А кога се молите, не постапувајте како лицемерите, кои сакаат да бидат забележани од другите кога се молат по синагогите и по плоштадите. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема!
6А ти, кога ќе се молиш, влези во својата соба, затвори ја вратата и помоли Му се на твојот невидлив небесен Татко, Кој го гледа тоа што е тајно и ќе те награди јавно.
7Кога се молите, не редете празни зборови, како што тоа го прават оние што не Го познаваат Бога, мислејќи дека ќе бидат услишани поради својата речовитост.
8Не бидете како нив, зашто вашиот небесен Татко ги знае вашите потреби уште пред да Го молите за нив.
9Затоа, молете се вака: ,Татко наш, Кој си на небесата: нека се почитува Твоето Име!
10Нека дојде Твоето царство, нека се извршува Твојата волја овде на Земјата, како што се извршува на небото.
11Дај ни ја неопходната храна за денешниот ден.
12Прости ни ги нашите гревови, како што и ние веќе им простивме на оние што нам ни згрешија.
13Не оставај да им потклекнеме на искушенијата, но избави ни од Лукавиот‘. (Зашто Тебе Ти припаѓаат и Царството, и силата, и славата, за вечни векови, амин.)
14Зашто, доколку вие им ги простувате гревовите на другите, ќе ви ги прости и вам вашиот небесен Татко.
15Но, ако вие не им простувате на луѓето, ни вашиот небесен Татко нема вам да ви ги прости вашите гревови.“
16„И кога постите, не бидете намуртени како лицемерите; тие си го изобличуваат лицето за да забележат луѓето дека постат. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема!
17А ти, кога постиш, дотерај си ја косата и разведри си го лицето,
18за да не те познаат луѓето дека постиш; доволно е што знае твојот небесен Татко, Кој го гледа тоа што е тајно, за што ќе те награди јавно. “
19„Не напластувајте си богатство овде на Земјава, каде што молци и ’рѓа го уништуваат и крадци провалуваат и го крадат,
20туку напластувајте си богатство на небото, каде што ни молци ни ’рѓа го уништуваат, ниту пак крадци провалуваат и крадат.
21Зашто, каде што ви е богатството, таму ќе ви биде и срцето.
22Очите се светилка за телото; ако ти се здрави очите, целото тело ќе ти биде осветлено;
23ако, пак, очите не ти се добри, целото тело ќе ти биде затемнето. Значи, ако тоа што во тебе треба да е светлина, всушност е темнина, колку ли е црна темнината!?
24Никој не може да им служи на двајца господари: или едниот ќе го сака, а другиот ќе го мрази, или пак едниот ќе го почитува, а другиот ќе го презира. Не можете да им служите и на Бога и на парите.
25Затоа, ви велам, да не ве мачат грижи за неопходната храна и облека кои ви се потребни за живот; зар животот не е повеќе од храна и облека за телото?
26Погледнете ги птиците во небесниот свод: тие ни сеат, ни жнеат, ниту пак резерви си напластуваат; па сепак, вашиот небесен Татко ги храни. Та зар за Бог вие не сте повредни од нив!?
27Можат ли сите ваши грижи, макар и за педа да ви го продолжат животот?
28И зошто се грижите за облекувањето? Погледнете како растат полските цвеќиња: тие не се трудат, ниту предат,
29па сепак, ви велам дека ни царот Соломон во својата најголема слава не беше накитен како еден полски цвет!
30А, кога Бог така ја облекува полската трева, која денес ја има, а веќе утре в оган се фрла, зар Тој нема и вас да ве облече? Колку мала вера имате!
31Затоа, да не ве мачат грижи за тоа што ќе јадете, што ќе пиете и во што ќе се облечете;
32тоа им е својствено на оние што не Го познаваат Бога, кои се јадосуваат поради овие работи. А вашиот небесен Татко знае дека тие работи ви се неопходни.
33Вие, пак, грижете се најнапред за Божјото царство и Неговата праведност, а си друго што ви е потребно, ќе ви биде дадено.
34Значи, не грижете се за утрешниот ден тој ќе се погрижи за себе. Доволно грижи има за денешниот ден!“
Селектирано:
Maтеј 6: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.