Марко 4
4
1Покрај брегот на Галилејското Езеро, Исус уште еднаш почна да го поучува народот. Се беше собрал толку многу народ, што Тој мораше да се качи на едно рибарско бротче и оттаму да му зборува на народот кој стоеше на брегот.
2За многу работи ги учеше, користејќи се со споредби. Во една од нив им упати ваква порака:
3„Слушајте го ова: Еден сејач излезе да сее на својата нива.
4Сеејќи така, дел од семето падна на тврда почва, покрај патот; долетаа птици и го исколваа.
5Друг дел од семето падна на каменеста почва, каде што имаше малку земја и тоа брзо никна, бидејќи земјата беше плитка.
6Но штом опече сонцето, стебленцата свенаа и се исушија, бидејќи немаа доволно длабоки корени за да ги одржат во живот.
7Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето - ги задушија стебленцата и тие не донесоа никаков род.
8Конечно, дел од семето падна на плодна почва каде што изникна, порасна и донесе род: едно стебло роди триесет, друго шеесет, а трето - сто зрна.“
9Потоа Исус заклучи: „Ако имате уши - слушајте внимателно!“
10Кога Исус беше насамо со Своите дванаесет апостоли и со уште некои следбеници, тие Го прашаа за причината поради која Тој се служи со споредби.
11Тој им одговори: „Вам ви е објавена тајната за Божјото царство, но на другите луѓе им зборувам преку споредби,
12бидејќи тие, имајќи очи - не гледаат, имајќи уши - не слушаат, ниту пак се трудат да разберат, па да се обратат кон Бог и Тој да им прости.“
13Потоа Исус им рече: „Ако не ја разберете оваа споредба, не ќе можете да ги разберете другите.
14Тоа што сејачот го сее е Божјата порака.
15Тврдата почва, покрај патот, ги претставува луѓето што ќе ја чујат пораката, но веднаш доаѓа Сатаната и им ја одзема од срцето.
16Каменестата почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака и веднаш со задоволство ја прифаќаат.
17Но таа во нив не се закоренува и тие остануваат верници само кратко време: штом ќе надојдат неволи или прогонства поради верата во Божјата порака, тие веднаш потклекнуваат.
18Трнливата почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака,
19но прекумерните грижи за работи од овој земен живот и желбата да се збогатат и да имаат сe и сешто ги заведуваат и ја задушуваат пораката во нив; така таа останува без плод.
20Плодната почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака, ја прифаќаат и донесуваат род: едни триесеткратен, други шеесеткратен, трети стократен.“
21Продолжувајќи, Исус им рече: „Зар свеќа се пали за да се покрие со капак или пак да се стави под кревет!? Зар не се пали за да се стави на свеќник?
22Нема ништо скриено што нема да излезе на виделина. Нема тајно дело што нема да се дознае.
23Ако имате уши - слушајте внимателно!
24Слушајте внимателно: со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери и ќе ви се додаде!
25На тој што има нешто, ќе му се додаде уште; на тој што нема, ќе му се одземе и она малку што го има!“
26Во продолжение, Исус рече: „Божјото царство може да се спореди со семе што човек го посева на својата нива.
27Потоа, тој ноќе спие, а дење излегува. За тоа време семето никнува и расте, иако тој не го разбира тоа.
28Самата земја го произведува плодот: најпрво стебло, потоа клас и на крајот зрна.
29Штом плодот ќе созрее, доаѓа жетвата и сејачот го жнее.“
30„Како да го опишеме Божјото царство? Со што да го споредиме?“ - продолжи Исус.
31„Тоа може да се спореди со посеано синапово зрно: иако тоа е најмало од сите семиња,
32кога ќе се посее, израснува поголемо од сите градинарски растенија и се разгранува, така што под неговите гранки и птиците си свиваат гнезда!“
33Користејќи се и со многу други, слични споредби, Исус му ја изложуваше на народот Својата порака, на разбирлив начин за нив.
34Ништо не им кажуваше без да се користи со споредби. А кога беше насамо со Своите ученици, ним им објаснуваше сe.
35Таа вечер, Исус им рече на Своите ученици: „Ајде да преминеме на другата страна од езероно!“
36Тие го отпуштија народот и испловија со бротчето во кое седеше Исус. Ги придружуваа и други бротчиња.
37Одненадеж, голема бура го зафати езерото. Силни бранови удираа во бротчето и тоа беше во опасност да потоне.
38Исус беше на задниот дел од бротчето и спиеше на перница. Учениците Го разбудија, викајќи: „Учителе, зар не ти е грижа што ќе загинеме!?“
39Исус се разбуди и им заповеда на ветрот и на брановите: „Смирете се!“ Ветрот запре и настапи длабока тишина.
40Потоа Исус им се обрати на учениците: „Зошто се исплашивте? Зар немате вера?“
41А тие беа толку исплашени, што еден на друг си говореа: „Кој ќе е овој Човек кому и ветровите и брановите Му се покоруваат!?“
Селектирано:
Марко 4: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.