Римјаните 7
7
1Драги христијани! Овие зборови им ги упатувам на поборниците на Мојсеевиот Закон. Не знаете ли дека кој и да е закон има моќ над луѓето само додека се живи?
2На пример, омажената жена е со закон врзана за својот сопруг, додека е тој жив. Ако тој умре, таа е ослободена од законската обврска.
3Кога таа би заживеала со друг маж, додека нејзиниот сопруг е се уште жив, таа би била сметана за прељубница. Но ако сопругот и умре, таа е ослободена од законската обврска, и ако се омажи за друг човек, нема да биде сметана за прељубница.
4Така е и со вас, драги христијани. Вие не подлежите под старозаветниот Закон даден преку Мојсеј, затоа што Христовата смрт значеше и ваша смрт. Бидејќи Христос воскресна, вие сте сега сврзани со Него, а не со старозаветниот Закон. Тоа ви овозможува да бидете плодоносни и полезни за Бог.
5Додека со нас владееше нашата стара природа, грешните страсти дејствуваа во нас. Законот ги побудуваше тие грешни страсти и како последица на тоа произлегуваа грешни дела што би не одвеле во смрт.
6Сега сме ослободени од Законот, откако со Христос умревме за силата што не држеше заробени. Можеме да Му служиме на Бог не на стариот начин, со тоа што ќе му се покоруваме на словото на Законот, туку на нов начин, така што ќе Му се покоруваме на Духот.
7Што значи тоа? Дали Божјиот Закон е лош? Се разбира, не! Зашто да не беше Законот, јас немаше да знам дека сум грешен. Ако Законот не кажуваше: „Не посакувај туѓо!“ немаше да знам дека е лошо да се посакува туѓото.
8Од друга страна, гревот ја искористи можноста, па преку таа заповед во мене поттикна најразлични грешни желби. Значи, без Законот гревот не би бил делотворен!
9И јас порано живеев без Законот. Но кога се соочив со заповедта, наеднаш, гревот оживе!
10Сфатив дека сум осуден на смрт! Така заповедта, чија цел беше да ми даде живот, ми донесе смртна казна!
11Гревот ја искористи можноста и преку таа заповед ме измами, ме прогласи виновен, осуден на смрт.
12Законот си е свет. Таа заповед е света, праведна и добра.
13Дали ова значи дека мојата смрт ја предизвика она што е во суштина добро, односно Божјиот Закон? Никако! Гревот е тој што ме уби, искористувајќи ја добрата заповед. Но истовремено, преку таа заповед, се покажа дека гревот е страшна и грозна работа.
14Очигледно е дека Законот е духовен, добар, но јас сум човек од крв и месо, продаден како роб на гревот.
15Сам себеси не можам да се разберам. Не го правам тоа што го сакам, туку она што го мразам.
16Со самото тоа што ме гризе совеста кога правам грев, јас се согласувам со Божјиот Закон и потврдувам дека тој е добар,
17но, не успевам да се противставам, бидејќи гревот е во мене и ме тера да грешам.
18Свесен сум дека во мене, односно во моето тело, нема сили за ништо добро. Желба за добро има во мене, но не и сила да го извршам.
19Не го правам тоа што е добро, како што би сакал, туку го правам она што не го сакам, она што е грешно.
20Но штом не го сакам она што го правам, не сум веќе јас тој што го прави тоа, туку гревот што живее во мене.
21Сфатив дека по правило вака испаѓа, кога сакам да постапам добро, ми се наметнува грешното и тоа го правам.
22Длабоко во себе јас му се восхитувам на Божјиот Закон,
23но во моето тело гледам еден друг закон, кој војува против Законот во мојот ум. Тој закон успева да ја добие битката и ме држи заробен од гревот, кој е тука, во моето тело.
24Сфатив дека сум наполно беспомошен! Кој ќе ме избави од ова тело што ме води во смрт!?
25Одговорот е: тоа ќе го стори Исус Христос, нашиот Господ. Неизмерно сум Му благодарен на Бог за тоа! Така, од една страна, со својот ум сакам да живеам според Божјиот Закон, а од друга страна, со мојата грешна природа, му робувам на законот на гревот.
Селектирано:
Римјаните 7: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.