Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Коринтјаните 2:6-16

1 Коринтјаните 2:6-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Се разбира, кога сме меѓу зрели христијани, знаеме да одржуваме и мудри говори. Но тоа не е мудрост што произлегува од овој свет или мудрост што ги привлекува владетелите на овој свет, кои кратко траат. Ние ја проповедаме Божјата таинствена мудрост која порано беше скриена, но Бог уште одамна ја беше предопределил во вечноста нам да ни донесе слава. За жал, никој од денешните владетели не ја разбра, зашто да ја беа разбрале немаше да го распнат нашиот величествен Господ. Ние го проповедаме она што во Светото Писмо е опишано вака: „Око човечко не видело, уво човечко не слушнало, ниту пак човечкиот ум можел да го замисли тоа што Бог го има приготвено за оние што Го сакаат.“ А нам Бог ни го има откриено тоа преку Својот Дух. Божјиот Дух знае се, вклучувајќи го и она што е длабоко во Божјиот ум. Зашто, како што ниеден човек не може да му ги знае мислите на друг човек, освен неговиот сопствен дух, така никој не може да ги знае Божјите мисли, освен Божјиот Дух. А Бог ни Го даде токму Својот Дух (не духот на овој свет), за да ги знаеме сите работи што ни ги подарил Тој. Кога ви зборуваме за овие работи, ние не користиме зборови на човечка мудрост, туку зборови што ни се дадени од Божјиот Дух, Кој духовните работи ги објаснува со духовен речник. Луѓето кои не се препородени од Божјиот Дух не можат да ги разберат вистините што доаѓаат од Божјиот Дух, и затоа не ги прифаќаат. Ним сето тоа им изгледа неразбирливо, а тоа е затоа што духовните работи можат да се разберат само со помош на Божјиот Дух. А луѓето кои се препородени од Божјиот Дух се способни се да разберат, иако самите нив другите луѓе не можат да ги разберат. Како што рекол пророкот Исаија: „Кој ги знае мислите на Господ? Кој Му е советник на Господ?“ А нам ни е даден Христовиот ум и затоа можеме да ги разбереме овие работи.

1 Коринтјаните 2:6-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Ние сепак ја проповедаме мудроста меѓу совршените, но не мудроста од овој свет, ниту, пак, онаа на владете­ли­те на овој свет, кои се минливи, туку ја проповедаме Божјата муд­рост, сокриена во таинство, која Бог ја предодредил уште пред вековите за наша слава, која никој од владетелите на овој свет не ја спознал; зашто, ако ја беа спознале, тогаш немаше да Го распнат Господ на славата. Но, како што е напишано: „Она што око не видело, уво не чуло, ниту на чо­век на ум му дошло, тоа Бог го пригот­вил за оние кои Го љубат.“ А нам, пак, ни го откри тоа Бог преку Својот Дух, зашто Духот продира во сѐ, па дури и во длабочините Божји. Бидејќи, кој човек знае што има во човекот, освен човечкиот дух кој живее во него? Па така и Божјото не го знае никој, освен Божјиот Дух. Но ние не го примивме духот од овој свет, туку Духот Кој доаѓа од Бога, за да го знаеме она што ни е дарувано од Бога; па тоа и го проповедаме не со збо­рови научени од човечка мудрост, туку научени од Светиот Дух: толкувајќи го она што е духовно со духовни поими. Телесниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух: за него тоа е без­умство; и не може да го разбере, зашто тоа треба со помошта на Духот да се испита. Духовниот, пак, човек испитува сѐ, а него никој не може да го испитува. Зашто, кој го спознал умот Гос­по­дов, та да го објасни? А ние имаме ум Христов.

1 Коринтјаните 2:6-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Па сепак, ја говориме мудроста меѓу совршените; но не мудроста на овој свет ни на владетелите на овој свет, кои пропаѓаат, туку ја навестуваме Божјата премудрост, во тајна, сокриена, која Бог, пред сите векови ја предопределил за наша слава; која не ја запознал ниеден од владетелите на светов, зашто ако ја беа познале, немаше да Го распнат Господа на славата, - туку, како што е напишано: „Што окото не виде, што увото не чу, што во човечкото срце не дојде, тоа Бог го приготви за оние, кои Го љубат.“ А Бог ни го откри тоа нам преку Духот, зашто Духот испитува сѐ, па дури и Божјите длабочини. Зашто, кој од луѓето знае што е во човекот, освен човечкиот дух, кој е во него? Така никој не знае што има во Бога, освен Божјиот Дух. А ние не го примивме духот на светов, туку Духот, Кој доаѓа од Бога, за да знаеме што Бог милостиво ни дарува. Па и тоа не го зборуваме со зборови научени од човечката мудрост, туку со зборови научени од Духот Свети, споредувајќи ги духовните работи со духовното. А душевниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух, зашто тоа е безумство за него, и не може да сознае, зашто за тоа треба да расудува на духовен начин. Духовниот човек пак испитува сѐ, а него никој не го испитува, зашто: „Кој го познава Господовиот ум, за да го поучи?“ А ние го имаме Христовиот ум.