Лука 20:27-40
Лука 20:27-40 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Тогаш на Исус Му пријдоа некои садукеи (тие не веруваат во воскресение на мртвите) и Го прашаа: „Учителе! Мојсеј ни остави ваков пропис: Ако некој човек умре, оставајќи ја својата жена без пород, тогаш со неа нека се ожени братот на починатиот, за да му подигне пород кој ќе се смета за потомство на починатиот човек. Си беа седуммина браќа. Најстариот се ожени и умре без да има деца. Тогаш вториот по возраст брат ја зеде жената, а по него и третиот, и така по ред - до седмиот. Сите тие умреа не оставајќи пород зад себе. На крајот умре и жената. Сега, чија жена ќе биде таа по воскресението, со оглед на тоа што им била жена на сите седуммина?“ Исус им одговори: „На овој свет мажите и жените стапуваат во брак, додека оние што ќе бидат достојни за оној свет и за воскресението, ниту ќе бидат женети, ниту мажени. Тие ќе бидат како ангели и ќе бидат бесмртни. Ќе бидат Божји чеда, бидејќи се чеда на воскресението. А и Мојсеј јасно покажа дека мртвите воскреснуваат, кога во настанот со ,разгорената грмушка‘ Му се обрати на Господ со: ,Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.‘ Очигледно, Тој е Бог на живите, а не на мртвите, и за Него сите се живи!“ На ова, некои од вероучителите Му рекоа: ,Добро им одговори, Учителе!‘ И повеќе не се осмелија да Му поставуваат никакви прашања.
Лука 20:27-40 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тогаш пристапија некои од садукеите, што тврдат дека нема воскресение, па Го прашаа, велејќи: „Учителе, Мојсеј ни напиша: Ако некој оженет умре без деца, брат му да ја земе неговата жена и да го подигне потомството на својот брат. Си беа седум браќа. Првиот, откако се ожени, умре без деца. Жена му ја зеде вториот, но и тој умре без деца. Потоа ја зеде и третиот, а така исто и сите седуммина и умреа без деца. По сите нив, умре и жената. При воскресението, пак, на кого од нив таа ќе му биде жена, бидејќи со седуммината живеела?“ Им одговори Исус и рече: „Синовите од овој свет се женат и мажат; но оние што ќе бидат удостоени да го добијат оној свет и воскресението од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат; всушност, тие веќе не можат да умрат, затоа што се еднакви со ангелите, а бидејќи се синови на воскресението, тие се синови Божји. А дека мртвите ќе воскреснат, тоа го посведочи и Мојсеј кај капината, кога Го нарече Господ – Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов. А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, зашто во Него се сите живи.“ На тоа, некои од книжниците, рекоа: „Учителе, добро рече!“ И повеќе не се осмелуваа за ништо да Го прашаат.
Лука 20:27-40 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш се приближија некои од садукеите, кои тврдат дека нема воскресение, и Го прашаа, велејќи: “Учителе, Мојсеј ни напиша: „Ако некому му умре оженет брат, а е без деца, брат му нека ја земе жената и му подигне потомство на брата си.“ Беа седуммина браќа. Првиот се ожени и умре без деца; и вториот, и третиот ја зеде, и така сите седуммина. И умреа и не оставија деца. Најпосле умре и жената. И така: при воскресението, кому од нив ќе му припадне жената како жена, зашто сите седуммина ја имале за жена?“ А Исус им одговори: „Децата на овој век се женат и мажат, а кои ќе се удостојат да го добијат оној век и воскресението од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат. Тие не ќе можат веќе ни да умрат, зашто се како ангелите; и Божји синови се, зашто се синови на воскресението. А дека мртвите стануваат, тоа и Мојсеј го кажа на местото при капината, каде Го нарече Господа: „Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.“ А Бог не е на мртвите, туку на живите; зашто во Него сите се живи.“ А некои од книжниците во одговор рекоа: „Учителе, добро рече!“ И не се осмелија веќе да Го прашаат за нешто.