Марко 10:1-12
Марко 10:1-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Потоа Исус замина од Кафарнаум и дојде на југ, во Јудеја, од источната страна на реката Јордан. Повторно многуброен народ се слеваше кон Него и Тој го поучуваше, како и обично. Некои од фарисеите сакаа да Му постават замка, па дојдоа кај Него и Го прашаа: „Дозволено ли е мажот да се разведе од својата жена?“ Исус ги праша: „Што вели Мојсеевиот Закон за тоа?“ Тие одговорија: „Мојсеј дозволува да и се напише потврда за развод на жената и таа да се отпушти.“ Исус им рече: „Мојсеј ви го допушти тоа бидејќи сте со закоравени срца. Во почетокот Бог создаде маж и жена. При стапување во брак човекот се одвојува од својот татко и од својата мајка и се присоединува кон својата жена. Тогаш двајцата стануваат едно тело. Значи, тие не се повеќе две тела, туку едно тело. Никој не смее да ги раздружува оние што Бог ги здружил во брак.“ Кога се вратија во куќата, учениците повторно Го прашаа Исуса за тоа. Тој им рече: „Тој што се разведува од својата жена и се оженува со друга, извршува прељуба против првата. Така и жената што ќе се разведе од својот маж и ќе се омажи за друг, извршува прељуба.“
Марко 10:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И откако стана Исус оттаму, премина во пределите Јудејски, преку страната што е отаде Јордан. И пак се слеваше народ кон Него; а Тој, по Својот обичај, ги поучуваше. И пристапија фарисеите и Го прашаа, искушувајќи Го: „Допуштено ли е, да ја остави човек својата жена?“ А Тој им одговори и рече: „Како ви заповеда Мојсеј?“ Тие рекоа: „Мојсеј дозволи да се напише разводно писмо и да се отпушти.“ Одговори Исус и им рече: „Поради вашето жестоко срце ви ја напишал таа заповед. Во почетокот на создавањето, пак, Бог ги создаде машко и женско. Затоа човек ќе го остави татка си и мајка си, ќе се прилепи до жената своја и обата ќе бидат во едно тело; и така, тие веќе не се двајца, туку едно тело. Значи, тоа што Бог го сврзал, човек да не го разделува.“ И во домот, учениците Негови пак Го прашаа за тоа. И им рече: „Кој ќе ја напушти својата жена и се ожени со друга, тој прељубодејствува кон неа; а и жена, ако го напушти својот маж и се омажи за друг, прељубодејствува.“
Марко 10:1-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И стана оттаму и дојде во пределите на Јудеја, од онаа страна на Јордан; и пак народот Му се придружи, а Тој ги поучу-ваше, според Својот обичај. И Му пристапија фарисеите и Го пра-шаа, за да Го искушуваат: „Дозво-лено ли му е на мажот, да ја остави жената?“ А Тој им одговори и рече: „Што ви заповеда Мојсеј?“ Тие рекоа: „Мојсеј дозволи да ѝ се напише разводно писмо и да се остави.“ Но Исус им рече: „Зара-ди вашето кораво срце - тој ви ја напиша таа заповед. Но, во почетокот на создавањето, Бог ги создаде: машко и женско. Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до жена си; и двајцата ќе бидат едно тело. И така, не се веќе две - а едно тело. И така, Бог што соединил, чове-кот да не раздвојува. И дома, учениците пак го прашаа за тоа. И Тој им рече: „Кој ќе ја напушти својата жена и се ожени со друга, прави прељуба спрема неа. И ако таа го напушти мажот и се омажи за друг, прави прељуба.