Еремија 48
48
Пророкување против Моав
1За Моав вака вели Господ Саваот, Бог Израелов: тешко на Нево, бидејќи ќе биде опустошен; Кирјатаим ќе се осрамоти, и ќе се предаде; тврдината ќе се посрами и ќе се разурне. 2Ќе ја снема повеќе славата на Моав; во Есевон ќе преземаат зло против него: да отидеме за да го сотреме меѓу народите. И ти, Мадмене, ќе опустееш; меч ќе те гони. 3Се слушна пискот од Хоронаим, пустошење и сотирање големо! 4#Ис 15,1Моав е сотрен; пискот кренаа децата негови. 5На искачување кон Лухит се слуша непрестаен плач; слегувајќи од Хоронаим, се слуша ужасен викот поради пропаста. 6Бегајте, спасувајте си ги животите свои и бидете како оголено дрво во пустина. 7#17,5; 49,4Бидејќи ти се надеваше на делата свои и на ризниците свои, затоа ќе бидеш фатен, и Хамос ќе појде во ропство заедно со свештениците и со кнезовите свои. 8И ќе дојде пустошник врз секој град, и ниеден град нема да се одржи; ќе изумре долината и ќе запусти рамнината, како што вели Господ. 9#48,28Ставете му надгробна плоча на Моав, зашто сигурно ќе падне! Градовите негови ќе станат пустина, зашто ќе нема во нив кој да живее. 10#46,10; 1 Сам 15,3.9.11; 1 Цар 20,32Нека е проклет секој, кој немарно го извршува делото на Господ, и нека е проклет кој го задржува мечот Негов од крв! 11#Соф 1,12Од младоста своја Моав беше спокоен, и се гордееше со својата слава, и не се преточуваше од сад во сад и во ропство не беше отишол; затоа во него си остануваше вкусот негов, и мирисот негов не се менуваше. 12Но, еве, идат дни, вели Господ, кога ќе пратам врз него преливачи, што ќе го преливаат и ќе ги испразнат садовите негови и ќе ги скршат стомните негови. 13Па ќе биде посрамен Моав заради Хамос, како што беше посрамен домот Израелов поради Ветил, надежта негова. 14Зошто вие велите: ние сме луѓе храбри и силни сме во бој? 15#50,34; 51,57; Ис 51,15Моав е сотрен, и градовите негови горат, и одбраните момчиња негови појдоа на клање, вели Царот – Господ Саваот е името Негово. 16Блиска е погибелта на Моав, и брза неговото зло. 17Сожалете го сите негови соседи, и сите што го знаете името негово, речете: како се здроби моќниот жезол и славниот скиптар! 18Слези од височината на величието твое и седни во жедната земја, ќерко, жителко на Дивон, бидејќи пустошникот на Моав ќе дојде кај тебе и ќе ги разруши тврдините твои. 19Застани на патот и погледај ти, која живееш во Ароер, прашај го оној, што бега, и онаа, што гледа да се избави: што станува? 20Засрамен е Моав, зашто е сотрен; плачете и викајте, соопштете во Арнон дека Моав е опустошен. 21И суд дојде врз рамнината, врз Холон, врз Јахца и врз Мефаат, 22врз Дивон, врз Нево и врз Бет-Дивлатаим, 23врз Кирјатаим, врз Бет-Гамул и врз Бет-Меон, 24врз Кериот, врз Восор и врз сите градови на земјата моавска, далечни и блиски. 25#Ез 30,21; Пс 37,17Одбиен е рогот на Моав и раката негова е скршена, вели Господ. 26#48,42; 51,57; Дан 5,23Опијте го, зашто тој се крена против Господ; нека се валка Моав во блуеницата своја, и сам ќе стане за потсмев. 27Зар не стана кај тебе Израел за потсмев? Зар тој беше фатен меѓу крадците, па ти, кога зборуваше за него, само ја мавташе главата? 28Жители моавски, оставете ги градовите и живејте по карпите и бидете како гулаби, кои вијат гнезда кај влезот на пештера. 29#Ис 16,6; Соф 2,10Чувме за гордоста на Моав, гордост прекумерна, за неговата самоувереност и неговата надуеност, за неговото фалење и за горделивото негово срце. 30Ја знам Јас дрскоста негова, вели Господ, празна е неговата фалба, лажни се неговите дела! 31Затоа, ќе плачам за Моав и ќе пиштам за целиот Моав; ќе воздивнувам за оние во Кир-Херес. 32#Пс 80,11Ќе плачам за тебе, лозо сивмајска, како што плачев за Јазер; твоите лозинки се протегаа преку морето, стигаа до езерото јазерско; сотирачот ги нападна твоите летни производи и зрелото грозје. 33Радоста и веселбата се одзеде од Кармил и од земјата моавска. Јас ќе направам виното во бурињата да заврши; никој веќе нема да гази во каци со песни; боен повик ќе има, а не радосен вик. 34Од пискотот на Есевон до Елале и до Јахца тие ќе креваат глас, од Сигор до Хоронаим и до Еглат-Шелишија, бидејќи и водите на Нимрим ќе пресушат. 35Ќе ги сотрам во Моав, вели Господ, оние што принесуваат жртви по незнабожечките светилишта и кои им кадат на боговите. 36#4,19; Ис 16,11Затоа срцето Мое ќе пишти за Моав како свирка, за жителите во Кир-Херес, срцето ќе им биде како свирка, бидејќи сите добра од нивните богатства пропаднаа; 37#49,3; Ис 15,2на секого главата ќе му биде гола и на секого брадата поткастрена, кај сите на рацете ќе има зарези, а околу бедрата вреќиште. 38По сите покриви на Моав и по неговите улици ќе има само плач, бидејќи Јас го уништив Моав, како непотребен сад, вели Господ. 39Како е сотрен тој, ќе речат, плачејќи; како Моав се покри со срам, кога го сврти тилот, и ќе биде Моав за потсмев и ужас, за сите, што го опкружуваат, 40#49,22; 5 Мојс 28,49зашто вака вели Господ: ете, како орел ќе слета тој и ќе ги рашири крилјата над Моав. 41Градовите ќе бидат победени и тврдините освоени, а срцето на храбрите Моавци ќе биде во оној ден како срце на жена, што се измачува при породување. 42#48,26; 50,29И ќе биде истребен Моав меѓу народите, бидејќи се крена против Господ. 43#Ис 24,17-18; Плач 3,47Страв, јама и стапица околу тебе – жителу моавски, вели Господ. 44#11,23; 23,12; Амос 5,19Кој ќе избега од ужасот, ќе падне во јама; а кој ќе излезе од јамата, ќе падне во стапица; бидејќи ќе ја испратам врз него, врз Моав годината на нивната казна, вели Господ. 45#4 Мојс 21,28; 4 Мојс 24,17Под сенката на Есевон премалените бегалци. Но оган излезе од Есевон, и пламен среде Сихон, па ќе го изгори крајот на Моав и темето на немирните синови. 46#4 Мојс 21,29Тешко тебе, Моаве! Пропадна народот од Хамос, бидејќи синовите твои ти ги одведоа во ропство, и ќерките твои – во плен. 47#12,15; 29,14; 49,6.39Но во последните дни ќе ги вратам моавските заробеници, вели Господ. Дотука е судот за Моав.
Селектирано:
Еремија 48: MK2006
Нагласи
Сподели
Копирај
![None](/_next/image?url=https%3A%2F%2Fimageproxy.youversionapistaging.com%2F58%2Fhttps%3A%2F%2Fweb-assets.youversion.com%2Fapp-icons%2Fmk.png&w=128&q=75)
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006