Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 3

3
Чудото над хромиот. Сведоштвото Петрово за Исуса Христа и позив на покајание.
1Петар и Јован заедно влегуваа во храмот во деветтиот молитвен час.
2Имаше еден човек, фатен уште во мајчина утроба, кого го носеа и поставуваа секој ден пред вратата на храмот, наречена Красна, за да проси милостина од оние што влегуваа во храмот.
3Штом ги виде тој Петра и Јована, кога сакаа да влезат во храмот, и од нив запроси милостина.
4А Петар се вгледа во него заедно со Јована и му рече: »Погледај нѐ!«
5И тој ги гледаше настојчиво, надевајќи се од нив нешто да добие.
6Но Петар рече: »Сребро и злато јас немам, а – што имам, тоа ти давам – во името на Исуса Христа Назареецот стани и оди!«
7И како го фати за десната рака, го исправи и веднаш му се зацврснаа стапалата и глуждовите;
8и штом скокна, застана и прооди, и влезе во храмот заедно со нив, скокајќи и фалејќи Го Бога.
9И сиот народ го виде како оди и како Го фали Господа.
10А го познаа дека тој беше оној што седеше пред Красна, вратата на храмот, поради милостина; и се восхитија и се зачудија за она што му стана.
11И бидејќи исцелениот хром не се одделуваше од Петра и Јована, затоа кон нив пријде сиот зачуден народ во тремот, наречен Соломонов.
12А Петар, штом го виде тоа, му рече на народот: »Луѓе Израилци, што се чудите на ова, и што сте се загледале во нас, како со своја сила или побожност да направивме овој да оди?
13Бог Авраамов, Исаков и Јаковов, Бог на татковците наши Го прослави Својот Син Исуса, Кого вие Го предадовте и од Кого се одрековте пред лицето на Пилата, кога тој реши да Го пушти.
14Но вие се одрековте од Светиот и Праведниот и измоливте да ви се подари човек убиец,
15а Началникот на животот Го убивте, Кого Бог Го воскресна од мртвите, за што сме ние сведоци.
16И поради верата во Неговото име, овој, кого вие го гледате и познавате, го потврди името Негово; а верата во Него го исцели и него пред сите вас.
17А сега, браќа, знам дека вие тоа го направивте од незнаење како и кнезовите ваши.
18Но Бог, бидејќи предвести преку устата на сите пророци Свои, дека Христос ќе пострада, така и направи.
19Покајте се, пак, и обратете се, за да се очистите од гревовите ваши,
20за да дојдат времиња за освежување од лицето Господово, и Он да ви Го прати вам претскажаниот Исус Христос,
21Кого небото треба да Го прими до она време, кога ќе се изврши сѐ, што беше рекол Бог преку устата на сите Свои пророци од создавањето на светот.
22Мојсеј им беше рекол на татковците: ‚Господ Бог ваш од браќата ваши ќе ви издигне Пророк како Јас; Него послушајте Го во сѐ, што ќе ви рече!‘
23И секоја душа, што не ќе Го послуша тој Пророк, ќе биде истребена од народот.
24А и сите пророци од Самуила, па и по нив, што пророкуваа, исто така и за овие денови предвестуваа.
25Вие сте синови на пророците и на заветот, што Бог им го беше ветил на вашите татковци, велејќи му на Авраама: ‚И во потомството твое ќе бидат благословени сите народи на земјата.‘
26Бог, откако Го воздигна Својот Син Исуса, најнапред вам ви Го прати, за да ве благослови, та секој од вас да се одврати од своите злобни работи.«

Селектирано:

Дела 3: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се