Дела 2
2
Слегувањето на Светиот Дух. Петровата проповед за Исуса како Месија. Заедницата во Ерусалим.
1Кога се навршија дните на Педесетницата, сите апостоли беа заедно и еднодушни.
2И ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветар, и ја исполни целата куќа, каде што седеа.
3И им се јавија разделени јазици, како огнени, и застанаа по еден над секого од нив.
4И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат.
5А во Ерусалим имаше Јудејци, луѓе побожни, од секаков јазик под небото.
6Кога се чу тој шум, се собра многу народ и сѐ се збрка, бидејќи секој ги слушаше како зборуваат на неговиот јазик.
7И сите се чудеа и маеја, велејќи си помеѓу себе: »Овие што зборуваат, зар не се Галилејци?
8Па како тоа сите да си го слушаме својот роден јазик?
9Ние – Партјаните и Мидјаните, Еламитите и жителите на Месопотамија, Јудеја и Кападокија, од Понт и од Азија,
10од Фригија и Памфилија, од Египет и од краиштата на Ливија, соседите на Киринија, па и дојдените Римјани. Како ние Јудејците, така исто и новообратените,
11Критјаните и Арабјаните, еве слушаме како тие зборуваат за големите дела Божји на нашите јазици?«
12Сите се чудеа и во недоумение си зборуваа еден со друг: »Што ли ќе биде ова?«
13А други, потсмевајќи се, велеа: »Се напиле од слаткото вино.«
14Тогаш Петар стана со единаесетте, го подигна гласот свој и им рече: »Луѓе Јудејци и вие сите што живеете во Ерусалим, знајте го ова и внимавајте на моите зборови:
15овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е третиот час од денот:
16но тоа е претскажано преку пророкот Јоил:
17‚И ете во последните дни‘, рече Бог, ‚ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќерките ваши, и младичите ваши ќе имаат виденија и старците ваши ќе сонуваат соништа;
18и во тие дни врз слугите Мои и слугинките Мои ќе излеам од Мојот Дух, и тие ќе пророкуваат.
19И ќе покажам чудеса на небесата и знаци долу на земјата, крв, и оган, и чад.
20Сонцето ќе премине во темнина, а месечината во крв, и тоа уште пред да настапи големиот и славен ден Господов.
21И тогаш, секој што ќе го призове името Господово, ќе се спаси.‘
22Луѓе Израилци, ислушајте ги овие зборови: Исуса Назареецот, Човекот посведочен пред вас од Бога со сили, чудеса и знаци, што ги направи Бог преку Него, како што и самите знаете,
23Него, според определениот совет, и предвидувањето Божјо предаден, вие Го фативте и, откако Го приковавте со рацете на беззакониците, Го убивте.
24Но Бог Го воскресна, откако Го ослободи од врските на смртта, бидејќи таа немаше сила да Го задржи.
25Оти Давид за Него вели: ‚Секогаш Го гледав пред себеси Господа зашто Он е од мојата десна страна, за да не се поместам.
26Затоа се развесели срцето мое и се возрадува јазикот мој; а уште и телото мое ќе почива во надеж, –
27зашто Ти нема да ја оставиш душата моја во ад, ниту, пак, ќе позволиш Твојот праведник да види распаѓање.
28Ти си ми Ги покажал патиштата на животот: Ти ќе ме исполниш со радост преку лицето Свое.‘
29Мажи, браќа, нека ми е позволено да ви зборувам слободно за прататкото Давида, дека тој умре и погребан беше, а гробот негов е меѓу нас дури до денешниов ден.
30Па, бидејќи беше пророк и знаејќи дека Бог со клетва му беше ветил од плодот на неговите бедра да Го воздигне по плот Христа и да Го постави на престолот Свој,
31предвиде и кажа за воскресението на Христа, дека душата Негова нема да се остави во пеколот и дека телото Негово нема да види распаѓање.
32Овој Исус Го воскресна Бог, за кое сме ние сите сведоци.
33И така, Он, откако беше вознесен со десницата Божја и Го прими Светиот Дух, ветен од Отецот, го излеа ова, што го гледате сега вие и го слушате.
34Оти Давид не отиде на небесата, но сам кажа: ‚Му рече Господ на мојот Господ: седи од Мојата десна страна,
35додека не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.‘
36И така, насигурно нека знае сиот Израилев дом, дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Христос.«
37Кога го чуја тоа, во срцата им стана мило, и му рекоа на Петра и на другите апостоли: »Луѓе, браќа, што да правиме?«
38А Петар им рече: »Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исуса Христа за простување на гревовите; и ќе примите дар од Светиот Дух.
39Зашто за вас е ветувањето, за вашите деца и за сите што се далеку, што ќе ги повика Господ, нашиот Бог.«
40И со многу други зборови сведочеше и ги молеше, велејќи: »Спасувајте се од овој пакостен род!«
41И така оние, што од срце ги примија неговите зборови, се крстија и се присоединија во тој ден околу три илјади души.
42И беа постојани во учењето апостолско, во општувањето, во кршењето леб и во молитвите.
43И страв ја обзеде секоја душа, зашто многу чудеса и знаци се вршеа преку апостолите.
44А сите, што веруваа, беа заедно и сѐ им беше општо;
45продаваа имоти и сопствености и на секого му раздаваа според неговата потреба.
46И секој ден еднодушно престојуваа во храмот и, кршејќи леб по куќите, се хранеа со радост и чисто срце.
47Фалејќи Го Бога беа омилени кај сите луѓе. А Господ секој ден ја умножуваше Црквата со оние што сакаа да се спасат.
Селектирано:
Дела 2: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
![None](/_next/image?url=https%3A%2F%2Fimageproxy.youversionapistaging.com%2F58%2Fhttps%3A%2F%2Fweb-assets.youversion.com%2Fapp-icons%2Fmk.png&w=128&q=75)
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016