Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 5

5
Петровиот риболов. Исцеление на лепрозниот и фатениот. Повикувањето на Левиј. Христос за постот.
1Еднаш, кога народот се притискаше кон Него за да го чуе словото Божјо, Он стоеше покрај Генисаретското Езеро.
2Тогаш виде два кораба, што стоеја покрај езерото; а рибарите, излегле од нив, си ги плавеа мрежите.
3Како влезе во еден од корабите, кој беше на Симона, го замоли да се оддалечи малку од брегот, па седна и го поучуваше народот од коработ.
4А штом престана да говори, му рече на Симона: »Заплови во подлабоко и фрлете ги мрежите свои за лов!«
5Но Симон Му одговори и рече: »Наставниче, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата.«
6И штом го направија тоа, тие уловија голема количина риба, та дури и мрежата им се скина.
7Им дадоа знак на другарите, што беа во другиот кораб, да дојдат и да им помогнат; и тие дојдоа и ги наполнија и двата кораба така, што за малку ќе потонеа.
8А кога го виде тоа, Симон Петар падна пред нозете Исусови и Му рече: »Оди си од мене, Господи, оти сум човек грешен!«
9Зашто беше влегол страв во него, и во сите што беа со него, од тој лов на риби, што ги уловија;
10а исто така и во Јакова и Јована, синовите Зеведееви, кои му беа другари на Симона. И му рече Исус на Симона: »Не бој се! Отсега ќе ловиш луѓе!«
11Кога ги извлекоа двата кораба на суво, оставија сѐ и тргнаа по Него.
12А кога беше Исус во еден град, дојде некој човек сиот лепрозен, и штом Го виде Исуса, падна ничкум и молејќи Му се, рече: »Господи, ако сакаш можеш да ме очистиш.«
13Исус протегна рака, се допре до него и рече: »Сакам, очисти се!« И веднаш лепрата падна од него.
14И му заповеда никому да не кажува; и му рече: »Оди и покажи му се на свештеникот, и принеси дар за очистувањето твое, како што заповедал Мојсеј, ним за сведоштво!«
15Но уште повеќе се разнесуваше глас за Него и многу народ доаѓаше да Го слуша и да ги лекува болните нивни.
16А Он се повлекуваше во осамени места и се молеше.
17Еден ден, додека Он поучуваше, седеа таму фарисеи и законоучители, кои беа дошле од сите села на Галилеја и Јудеја, и од Ерусалим; а Он имаше сила Господова да лекува.
18И, ете, некои донесоа на постела еден човек, што беше фатен, и сакаа да го внесат и положат пред него;
19па, како не најдоа место од каде да го внесат поради народот, се качија на куќата и преку покривот го спуштија сосе постелата насреде пред Исуса.
20А Он, штом ја виде верата нивна, рече: »Човеку, ти се простуваат гревовите!«
21Книжниците, пак, и фарисеите почнаа да размислуваат и да велат: »Кој е Овој што хули на Бога? Кој може да ги простува гревовите, освен единиот Бог?«
22А Исус, кога ги разбра нивните помисли, им одговори и рече: »Што размислувате во срцата свои?
23Што е полесно да се каже: ‚Ти се простуваат гревовите,‘ или да кажам: ‚Стани и оди‘?
24Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите« – па му рече на фатениот: »Тебе ти велам: стани, земи си ја постелата и оди си дома!«
25И тој веднаш стана пред нив и си го зеде она, на кое лежеше, па си отиде дома, славејќи Го Бога.
26Ужас ги опфати сите и Го славеа Бога; па, како се исполнија со страв, говореа: »Чудни работи видовме денес!«
27А потоа излезе Исус и виде еден митник, по име Левиј, кој седеше на митницата, и му рече: »Врви по Мене!«
28Тој остави сѐ, стана и тргна по Него.
29И во својот дом Левиј Му приготви голема гозба; а таму имаше многу митници и други, што седеа на трпезата со нив.
30Книжниците, пак, и фарисеите негодуваа против Него и им говореа на учениците Негови: »Зошто со митници и грешници јадете и пиете?«
31Исус им одговори и рече: »Здравите немаат потреба од лекар, но болните;
32не сум дошол да ги повикам праведните на покајание, туку грешните.«
33А тие Му рекоа: »Зошто учениците Јованови постат често и се молат, како и фарисејските, а Твоите јадат и пијат?«
34Он им рече: »Зар можете да ги натерате сватовите да постат, додека е со нив младоженецот?
35Но ќе дојдат дни, кога ќе се оддели од нив младоженецот и тогаш, во тие дни, ќе постат.«
36Им ја кажа и оваа парабола: »Никој не пришива на стара облека крпа од нова облека; оти и новата ќе се отпара, а и на старата не ѝ прилега нова крпа.
37И никој не налива ново вино во стари мевови; зашто новото вино ќе ги расцепи мевовите, и тоа ќе истече, а и мевовите ќе се упропастат;
38но ново вино треба да се става во нови мевови; па така ќе се запази и едното и другото.
39И никој, откако пил старо вино, нема да побара ново; оти вели: ‚Старото е подобро.‘«

Селектирано:

Лука 5: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се