Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 7

7
ГЛАВА 7
(Зачало 29)
1И кога ги заврши зборовите Свои кон народот, што слушаше, Он влезе#Сабота од 22-та седмица по Педесетница: Во она време, влезе Исус во во Капернаум.
Крај на средата
2Слугата на еден стотник беше тешко болен, на умирање; а многу го сакаше.
3Па кога чу за Исуса, ги прати при Него старешините јудејски, молејќи Го да дојде и да го излекува слугата негов.
4А тие, штом дојдоа при Исуса, Го молеа усрдно и велеа: – Достоен е да му го направиш тоа,
5бидејќи го сака нашиот народ, и синагогата тој ни ја направи.
6И тргна Исус со нив. А кога беа веќе близу до куќата, стотникот ги испрати пријателите свои при Него, говорејќи: – Господи, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив;
7затоа и самиот себе не се најдов за достоен да дојдам при Тебе; туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави;
8зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на едниот: оди, и тој оди; на другиот: дојди, и тој доаѓа; и на слугата свој: направи тоа, и тој прави!
9Штом го чу тоа, Исус се зачуди, и кога се заврте кон народот, што врвеше по Него, рече: – Ви велам, ниту во Израилот не најдов толку голема вера!
10Испратените кога се врати ја, го најдоа болниот слуга здрав.
Крај на саботата.
(Зачало 30)
11И се случи потоа, да оди во градот#Недела 20-та по Педесетница: Во она време, се случи Исус да оди во градот, наречен Наин; и со Него одеа мнозина Негови ученици и многу народ.
12А кога се приближи до градската порта, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка си, а таа беше вдовица; и многу народ од градот одеше со неа.
13Штом ја виде Господ, се сожали на неа, па ѝ рече: – Не плачи!
14И кога се приближи, се допре до носилото; носачите застанаа, а Он рече: – Момче, тебе ти велам, стани!
15Мртовецот стана и седна, и почна да зборува; и ѝ го предаде на мајка му.
16И страв ги опфати сите, и Го славеа Бога и велеа: – Голем пророк се јави меѓу нас. И Бог го посети Својот народ.
Крај на неделата
(Зачало 31)
17И се разнесе овој глас за Него по цела Јудеја#Четврток од 20-та седмица по Педесетница: Во она време, се разнесе глас за Исуса по цела Јудеја (Ова и за трето наоѓање на главата на св. Јован Крстител). и по целата околија.
18И му соопштија на Јована, учениците негови, за сето тоа.
19Јован, пак, повика двајца свои ученици и ги испрати при Исуса, говорејќи: – Ти ли си Оној, што треба да дојде, или друг да чекаме?
20И кога дојдоа при Него, тие Му рекоа: – Јован Крстителот нѐ испрати при Тебе, велејќи: „Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме“?
21Во тој час Он исцели мнозина од болести, и од рани, и од зли духови, и на мнозина слепи им подари вид.
22И им одговори Исус и рече: – Одете и кажете му на Јована што видовте и што чувте: слепи прогледуваат, куци проодуваат, лепрозни се очистуваат, глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието;
23и блажен е оној, кој не ќе се соблазни заради Мене.
24А кога си отидоа учениците Јованови, Он почна да му зборува на народот за Јована: – Што излеговте да видите во пустината? Трска ли, што се лулее од ветер?
25Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние што се облекуваат убаво и живеат богато, по царските палати се.
26Туку, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, Јас ви велам, и повеќе од пророк.
27Овој е, за кого што е напишано: „Ете, Јас го испраќам пред лицето Твое ангелот Мој, којшто ќе го подготви патот Твој пред Тебе“.
28Оти ви кажувам: меѓу родените од жени, нема ниеден поголем пророк од Јована Крстителот; но најмалиот во царството Божјо е поголем од него.
29И сите луѓе што слушаа, и цариниците, Му заблагодарија на Бога, дека се беа крстиле со крштението Јованово;
30а фарисеите и закониците го отфрлија советот Божји за нив, оти не беа крстени од него.
Крај на четвртокот и на св. Јован
(Зачало 32)
31И рече Господ: – Со кого#Петок од 20-та седмица по Педесетница: Рече Господ: Со кого да ги споредам луѓето од овој род? И кому се слични?
32Тие личат на деца што седат по пазариштата и си викаат едно на друго, велејќи: – ви свиревме и не игравте; ви пеевме жални песни и не плачевте!
33Зашто, дојде Јован Крстителот, кој ниту леб јаде, ниту вино пие, а велите: – Бес има!
34Дојде Синот Човечки, Кој јаде и пие, а вие велите: овој човек е ненаситен и пијаница, пријател на цариниците и грешниците!
35И се оправда Премудроста од сите свои чеда.
Крај на петокот
(Зачало 33)
36Еден од фарисеите Го замоли да јаде#Понеделник од 21-та седмица по Педесетница: Во она време, еден од фарисеите го помоли Исуса да јаде (Ова и на св. маченички). со него; и Он, кога влезе во ку ќата на фарисејот, седна на трпезата.
37И, ете, една жена од градот, која беше грешница, штом чу дека он седи на трпеза во куќата на фарисејот, донесе алабастрен сад со миро;
38па, откако застана одзади при нозете Негови, плачејќи почна да ги мие нозете Негови со солзи и ги триеше со косата своја; и ги целиваше и помазуваше со миро.
39А кога го виде тоа фарисејот, што беше Го поканил, рече во себе, велејќи: – Овој, да е пророк, би знаел која е и каква е оваа жена, што се допира до Него, оти таа е грешница.
40Му одговори Исус и рече: – Симоне, имам нешто да ти кажам. А тој одврати: – Учителе, кажи!
41Исус му рече: – Двајца му беа должни на еден заемодавец: едниот му должеше петстотини пенези, а другиот – педесет.
42Ама, бидејќи немаа тие да му вратат, тој им прости на двајцата. Кажи Ми, кој од нив повеќе ќе го милува?
43Симон одговори и Му рече: – Мислам оној, кому повеќе му простил. А Он му рече: – Правилно пресуди.
44И кога се сврте кон жената, му рече на Симона: – Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом, ти ни вода за нозете не Ми даде, а таа со солзи Ми ги обли нозете и со косата своја ги истри.
45Ти не ми даде целив, а таа, откако влегов, не престана да ги целива нозете Мои.
46Ти со масло не ја помаза главата Моја, а таа со миро ги помаза нозете Мои.
47Затоа ти велам: нејзе ѝ се простуваат многу гревови, оти Ме возљуби многу; а кому малку се простува, мала и љубов има.
48Нејзе, пак, ѝ рече: – Ти се простуваат гревовите!
49А оние што седеа со Него на трпезата, почнаа да говорат во себе: – Кој е Овој што и гревови простува?
50На жената, пак, ѝ рече: – Верата твоја те спаси; оди си со мир!
Крај на понеделникот и на св. маченички

Селектирано:

Лука 7: MK2008

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се