Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 ЦАРЕВИ 13

13
Б. Божји човек од Јудеја
1. Пророштво за Јосиј
1А некој Божји човек дојде со Божјото слово од Јудеја во Ветил кога Јеровоам стоеше пред жртвеникот за да кади. 2И по Божја заповед оној извика кон жртвеникот: „Жртвенику, жртвенику! Господ вели вака: ‘Еве ќе се роди во Давидовиот дом син по име Јосиј. Тој ќе ги жртвува на тебе свештениците на високите места, тие кои што кадат врз тебе, и тој ќе гори човечки коски врз тебе!’“ 3И во исто време им даде знак: „Ова е знак дека Господ зборуваше: ете, жртвеникот ќе се распукне и ќе се истури пепелта што е на него.“ 4Кога царот чу што рече Божјиот човек против жртвеникот во Ветил, ја испружи раката оттаму од жртвеникот и рече: „Фатете го!“ Но раката што ја испружи кон човекот се исуши, и не можеше да ја врати кон себе. 5Жртвеникот распукна, и пепелта се истури од жртвеникот, според знакот што го даде Божјиот човек по Господова наредба. 6Царот проговори и му рече на Божјиот човек: „Помоли Го Господа, својот Бог, за да можам да ја вратам раката кон себе.“ Божјиот човек Го помоли Господа, и царевата рака се врати кон него, и беше како порано. 7Тогаш царот му рече на Божјиот човек: „Дојди со мене дома за да се поткрепиш. И ќе ти дадам подарок.“ 8Но Божјиот човек му одговори на царот: „Да ми ја дадеш половината од својата куќа, не би тргнал со тебе. Ни би јадел ни би пиел на ова место, 9зашто вака ми е заповедано од Господовото слово: ‘Не јади леб и не пиј вода, ниту се враќај по истиот пат по кој си дошол.’“ 10И отиде по друг пат, не се врати по патот по кој што дојде во Ветил.
2. Ветилски пророк - старец
11А во Ветил живееше стар пророк. Неговите синови дојдоа кај него и му раскажаа сѐ што сторил оној ден Божјиот човек во Ветил; и зборовите што му ги кажа оној на царот му ги раскажаа синовите на таткото. 12А тој ги праша: „По кој пат си отиде?“ Синовите го покажаа патот по кој што си отиде Божјиот човек, што беше дошол од Јудеја. 13Тогаш пророкот им рече на синовите: „Насамарете ми го ослето!“ И му го насамарија ослето, а тој јавна. 14Тргна по Божјиот човек и го најде како што седи под даб; и го праша: „Ти ли си Божјиот човек кој дојде од Јудеја?“ А тој му одговори: „Јас сум.“ 15Пророкот му рече: „Дојди со мене во мојот дом за да јадеш нешто.“ 16Но тој одговори: „Не смеам да се вратам со тебе, ниту смеам да јадам леб ни да пијам вода на ова место, 17зашто од Господовото слово ми е наредено ова: ‘Не јади таму леб, не пиј вода, ниту се враќај по патот по кој што си тргнал онаму.’“ 18На тоа оној му рече: „И јас сум пророк како и ти, и ангел ми рече со Господово слово: ‘Поведи го со себе дома за да јаде леб и за да пие вода.’“ Со овие зборови го излага. 19Божјиот човек се врати со него, во неговата куќа јадеше леб и пиеше вода.
3. Лав го убива Божјиот човек за непослушност
20Додека седеа покрај столот, му дојде Господово слово на пророкот кој го доведе назад, 21и тој му извика на Божјиот човек кој дојде од Јудеја: „Господ вели вака: ‘Затоа што не ја послуша Господовата заповед и не ја пазеше наредбата што ти ја даде Господ, твојот Бог, 22туку се врати, јадеше леб и пиеше вода во местото каде што ти реков да не јадеш леб и да не пиеш вода, затоа твоето тело нема да легне во гробот на твоите татковци.’“ 23Откако оној, кој го беше довел, го најаде леб и го напи вода, му го оседла ослето. И оној замина. 24А на патот лав скочи врз него, и го усмрти. И така мртвото тело лежеше спружено на патот, ослето стоеше покрај него, и лавот стоеше покрај телото. 25Поминувајќи луѓето ги видоа: мртвото тело спружено на патот, и лавот како што стои покрај него; и отидоа и го јавија тоа во градот, каде што живееше стариот пророк.
26Кога го чу тоа пророкот, кој го беше вратил оној од патот, рече: „Тоа е Божјиот човек кој не ја запази Господовата заповед! И Господ го предаде на лав, што го нападна и го умртви, според словото што Господ го рече.“ 27И им рече на своите синови: „Насамарете ми го ослето!“ И тие му го насамарија. 28Тој отиде и го најде мртвото тело фрлено на патот, и ослето и лавот каде стојат покрај телото: лавот не го изеде телото ниту го растрга ослето. 29Тогаш пророкот го подигна мртвото тело на Божјиот човек и го префрли преку ослето; и се врати во градот во кој живееше, за да го пожали и погребе мртвиот. 30Го стави мртвото тело во својата гробница и плачеше над него: „Ах, брате мој!“ 31А кога го закопа им рече на своите синови: „По мојата смрт погребете ме во истата гробница каде е погребан Божјиот човек; ставете ги моите коски покрај неговите. 32Зашто бездруго ќе се исполни словото што по Господова заповед го објави за жртвеникот во Ветил и за сите идолопоклонички куќи на високите места во градовите на Самарија.“
4. Упорно Јеровоамово отстапништво
33Ни по овој настан Јеровоам не се одврати од својот лош пат, туку и натаму поставуваше прости луѓе за свештеници на високите места: кој сакаше, му даваше подароци за да стане свештеник на високите места. 34Со таквата постапка паѓаше во грев Јеровоамовата куќа, се рушеше и ја снемуваше од лицето на земјата.

Селектирано:

1 ЦАРЕВИ 13: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се