1 САМОИЛ 3
3
6. Самоил ја навестува судбината на домот на Илија
а. Самоил пред Господа
1Младиот Самоил Му служеше на Господа под Илиево надгледување, во она време Господ ретко им зборуваше на луѓето, а виденијата не беа чести.
б. Повикување на Самоила
2Но еден ден Илија лежеше во својата соба - неговите очи почнаа да слабеат, та веќе не можеше да гледа. 3Божјиот светилник, уште не беше угаснат, и Самоил спиеше во Господовиот Храм, таму каде што беше Божјиот Ковчег. 4И Господ го повика: „Самоиле! Самоиле!“ А тој одговори: „Еве ме!“ 5И отрча кај Илија и рече: „Еве ме! Ти ме повика!“ А Илија рече: „Јас не те повикав. Врати се и спиј!“ И тој отиде и легна. 6И Господ пак го повика: „Самоиле! Самоиле!“ Самоил стана, отиде при Илија и му рече: „Еве ме! Ти ме повика!“ А Илија одговори: „Јас не те повикав, сине! Врати се и спиј!“ 7Самоил уште не го познаваше Господа, и уште никогаш не му беше објавено Господовото слово. 8И Господ го повика Самоила по трет пат. Тој стана, отиде кај Илија и рече: „Еве ме! Ти ме повика!“ Сега Илија разбра дека Господ го повикувал детенцето. 9Затоа му рече на Самоила: „Оди и легни; а ако те повика, ти речи: ‘Зборувај, Господи, твојот слуга слуша.’“ И Самоил отиде и легна на своето место.
в. Бог му пресудува на домот на Илија
10И Господ дојде и застана, и викна како порано: „Самоиле! Самоиле!“ А Самоил одговори: „Зборувај Твојот слуга Те слуша.“ 11Тогаш Господ му рече на Самоила: „Еве ќе направам нешто во Израел така што ќе им брчат двете уши на секој што ќе чуе. 12Во оној ден ќе исполнам врз Илија сѐ што реков за неговиот дом, од почеток до крај. 13Ти ќе му јавиш дека ја осудувам неговата куќа довека; тој знаеше дека неговите синови го хулат Бога, а не ги воздржа. 14Затоа му се колнам на Илиевиот дом никакви жртви ни приноси нема да ја исперат вината на Илиевиот дом довека.“
г. Самоил му зборува на Илија за Божјиот суд
15Самоил спиеше до утрото, а тогаш ја отвори вратата на Господовиот Дом. Самоил се боеше да му го каже видението на Илија. 16Но Илија го повика Самоила, говорејќи: „Самоиле, сине!“ А тој одговори: „Еве ме!“ 17И тој го праша: „Какво е словото што ти го рече? Не криј ништо од мене! Така да ти направи Бог и да ти додаде друго ако ми скриеш нешто од она што ти рекол.“ 18Самоил му раскажа сѐ, и ништо не притаи од него. А Илија рече: „Тој е Господ, нека прави како што Му е по волја!“
д. Самоил почестен да биде пророк
19Самоил растеше, а Господ беше со него и не оставаше ниту едно негово слово да падне на земја. 20Сиот Израел, од Дан до Вирсавеа, созна дека Самоил е поставен за пророк Господов. 21Господ и натаму се јавуваше во Сило, зашто му се откриваше на Самоила преку словото Господово. И Самоиловото слово се расчу низ сиот Израел.
Селектирано:
1 САМОИЛ 3: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.