Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 САМОИЛ 4

4
Б. Самоил се зацврстува пред Бога и народот
1. Израелев пораз. Земање на Ковчегот во плен
1Во она време Филистејците собраа војска против Израел. Израелците излегоа пред нив за да војуваат, и се влогорија кај Евен Езер, додека Филистејците поставија логор кај Афек. 2Филистејците се построија во боен ред против Израел, и настана жестока битка. Израел им подлегна на Филистејците: околу четири илјади луѓе загинаа на боиштето, на отворено поле. 3Кога народот се врати во логорот, Израелевите старешини рекоа: „Зошто Господ дозволи денес да нѐ победат Филистејците? Да појдеме во Сило по Ковчегот на Господовиот Завет, нека дојде во наша средина и нека нѐ спаси од рацете на нашите непријатели.“ 4Народот испрати луѓе во Сило, и го донесоа оттаму Ковчегот на Заветот на Господа, на силите, кој престолува над херувимите; двата Илиеви сина, Офниј и Финес, дојдоа како придружници на Ковчегот. 5Кога Господовиот Ковчег стигна во логорот, сиот Израел грмливо воскликна, од кое одекнуваше земјата. 6Филистејците го чуја тоа грмливо воскликнување и прашаа: „Што значи тоа грмливо воскликнување во логорот на Евреите?“ И сфатија дека Господовиот Ковчег стигна во нивниот логор. 7Тогаш Филистејците ги обзеде страв, зашто зборуваа: „Бог дојде во логорот!“ И извикаа: „Тешко нам! Така не беше досега. 8Тешко нам! Кој ќе нѐ избави од рацете на Тој силен Бог? Тоа е Оној, Кој го удрил Египет со секакви неволји во пустината. 9Охрабрете се и бидете јунаци, Филистејци, за да не им станете робови на Евреите, како што тие ви беа робови вам; бидете јунаци и борете се!“
10Тогаш Филистејците заметнаа битка, Израелците беа поразени и избегаа секој во својот шатор. Поразот беше силен, зашто загинаа триесет илјади пешаци од Израелците. 11И Божјиот Ковчег беше одземен, и двата Илиеви сина загинаа, Офниј и Финес.
2. Илиева смрт
а. Илија научи за Израелев пораз и умира
12Еден Венијамовец отрча од бојните редови и стигна во Сило уште на истиот ден, со искинати облеки и со глава посипана со прав. 13Кога стигна, Илија седеше на својата столица, покрај огнот, внимавајќи на патот, зашто срцето му трепереше од страв за Божјиот Ковчег. Имено, тој човек дојде за да му донесе на градот глас, и настана силна викотница низ сиот град. 14Кога Илија ја чу виката, праша: „Каква е таа голема викотница?“ Човекот поита и дојде да го извести Илија. 15А Илија беше тогаш на деведесет и осум години, очите му беа помрачени, та веќе ништо не гледаше. 16Човекот му рече на Илија: „Доаѓам од боиштето, денес избегав од бојот.“ Тогаш старецот праша: „Што се случило, сине?“ 17Гласникот одговори: „Израел избега пред Филистејците, тоа беше голем пораз за народот, и уште двата твои сина загинаа, и Божјиот Ковчег е грабнат!“ 18Кога го спомна Божјиот Ковчег, Илија падна од столицата назад покрај вратата, го скрши вратот и умре, зашто беше стар и тежок човек. Беше судија во Израел четириесет години.
б. Раѓање на Ихавод
19Неговата снаа, Финесовата жена, беше трудна и пред породување. Кога чу дека е грабнат Божјиот Ковчег и дека умре нејзиниот свекор и дека загина нејзиниот маж, се свитка и роди, зашто наеднаш ја опфатија породилни болки. 20Бидејќи беше на умирање, жените, кои што стоеја околу неа ѝ рекоа: „Биди без грижа, зашто роди син!“ Ама таа не одговори ниту обрна внимание. 21На детето му го даде името Ихавод (неславен), велејќи: „Славата си отиде од Израел.“ Со тоа мислеше на грабнатиот Божји Ковчег и на својот свекор и на својот маж. 22Затоа рече: „Славата си отиде од Израел,“ зашто е одземен Божјиот Ковчег.

Селектирано:

1 САМОИЛ 4: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се