Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 СОЛУНЈАНИТЕ 2

2
Павлова проповед во Солун
1Зашто самите знаете, браќа, дека нашето доаѓање кон вас не беше напразно. 2Напротив, иако порано пострадавме и бевме хулени во Филипи, како што веќе знаете, бевме смели во нашиот Бог, да ви го проповедаме Божјото Евангелие среде голема борба. 3Зашто нашето бодрење не беше од заблуда ни од нечистота, ниту со измама, 4туку како што Бог нѐ испита да ни го довери Евангелието, така зборуваме не угодувајќи им на луѓето, туку на Бога, Кој ги испитува нашите срца. 5Зашто, како што знаете никогаш не настапивме со ласкави зборови ниту со притаено лакомство. Бог е сведок за тоа. 6Ниту баравме слава од луѓето, ниту од вас, ниту од другите, иако можевме да настапиме со важност како Христови апостоли. 7Напротив, бевме благи меѓу вас, како доилката, која топло ги негува своите деца, 8така, полни со љубов кон вас сакавме да ви го предадеме не само Божјото Евангелие, туку и своите души, зашто ни станавте мили. 9Затоа, браќа, вие ги помните нашиот труд и мака: работејќи ноќе и дење, за да не му паднеме на терет на некој од вас, додека го проповедувавме Божјото Евангелие. 10Вие сте сведоци и Бог, како свето, праведно и беспрекорно се однесувавме кон вас, кои верувате. 11Како што знаете, ние секого од вас поединечно, како татко своите деца, го бодревме и советувавме, и ви сведочевме 12да живеете достојно за Бога, Кој ве повикува во Своето Царство и слава.
13И затоа и ние Му благодариме на Бога постојано зашто, примајќи го Божјото слово, што сте го чуле од нас, го примивте не како човечко слово, туку како Божјо слово - какво е навистина - кое и дејствува во вас, кои верувате. 14Зашто, вие браќа, се угледавте на Божјите цркви, кои се во Христа Исуса во Јудеја, бидејќи и вие го претрпевте истото од своите сонародници, како и тие од Јудејците, 15од оние, кои Го убија Господа Исуса, и пророците, а нас нѐ изгонија; кои не Му угодуваат на Бога, кои им се противат на сите луѓе; 16кои ни бранат да им зборуваме на народите, за да се спасат, така ги дополнуваат своите гревови секогаш. Но најпосле Божјиот гнев дојде на нив!
Апостолова грижа и радост заради љубовта и цврстината на верните
17А ние, браќа, кога останавме без вас со лицето, а не со срцето, настојувавме уште повеќе, со голем копнеж, да го видиме вашето лице. 18Затоа сакавме да дојдеме при вас; и јас Павле не само еднаш, туку двапати, но сатаната нѐ спречи. 19Зашто, кој е наша надеж, или радост, или венец, за пофалба? Та не сте ли вие пред нашиот Господ Исус при Неговото доаѓање? 20Да, вие сте наша слава и наша радост.

Селектирано:

1 СОЛУНЈАНИТЕ 2: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се