2 ПЕТРОВО 3
3
Кога ќе дојде Христос?
1Возљубени, ова е веќе второ послание, што ви го пишувам, и во двете го разбудувам, преку напомнување, вашиот чист разум, 2за да си спомните за зборовите кои светите пророци ги кажаа однапред, и за заповедта на Господа и Спасителот, која ви ја предадоа вашите апостоли. 3Знајте го пред сѐ ова: дека во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои со своите подигрувања ќе одат по сопствените страсти и ќе велат: 4“Каде е ветувањето за Неговото доаѓање? Зашто откако - умреа татковците сѐ стои така, како од почетокот на создавањето.“ 5Кога своеволно сакаат така, тогаш за нив останува сокриено дека преку Божјото слово небесата беа одамна, и дека земјата од водата и преку водата го доби своето постоење, 6преку тоа и тогашниот свет беше потопен со вода и така пропадна. 7А сегашните небеса и земјата со истото слово се запазени, и се чуваат за оган до денот на судот и погибелта на безбожните луѓе.
8Но едно не смее да ви биде непознато, возљубени: дека за Господ еден ден е како илјада години, и илјада години како еден ден. 9Господ не го забавува тоа што го ветил, како што некои мислат за тоа бавење, туку го покажува Своето трпение кон вас, зашто не сака некој да пропадне, туку сите да дојдат до покајание. 10А Господовиот ден ќе дојде како крадец во ноќта; во тој ден небесата ќе поминат со голема бучава, а вжарените стихии ќе се распаднат и земјата ќе изгори со сите дела што се во неа. 11Бидејќи сѐ ова ќе се распадне така, какви треба да бидете во светото владеење и во побожноста, вие 12кои го очекувате и забрзувате доаѓањето на Божјиот ден, кога запалените небеса ќе се распаднат и вжарените стихии ќе се стопат? 13А ние, според Неговото ветување, очекуваме нови небеса и нова земја, во кои пребива правдата.
14Затоа, возљубени, додека го очекувате ова, погрижете се Тој да ве најде чисти и непорочни во мир. 15А долготрпеливоста на нашиот Господ сметајте ја како спасение, како што и нашиот возљубен брат Павле ви напишал, според дадената му мудрост; 16како што и во сите свои писма зборува за ова; во нив има некои тешко разбирливи нешта, кои неучените и неутврдените ги изопачуваат, како и другите Писма, за своја погибел. 17И така вие, возљубени, кога го знаете ова однапред, пазете се заблудата на беззакониците да не ве повлече со себе и да не отпаднете од својата цврста положба, 18туку растете во благодатта и во познавањето на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Нему слава и сега и во денот на вечноста. Амин!
Селектирано:
2 ПЕТРОВО 3: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.