Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БИТИЕ 11

11
Вавилонска кула: мешање на јазикот
1Целата земја имаше еден јазик и исти зборови. 2Ама кога луѓето се преселија од исток, најдоа рамница во Сенарската Земја, и се населија таму. 3И си рекоа еден на друг: „Ајде, да направиме плитари и да ги испечеме во оган!“ Плитарите им беа место камен, а смолата место кал. 4Тогаш рекоа: „Ајде, да си изградиме град и кула, со врв до небото! Да си спечалиме име, за да не се распрснеме по целата земја!“ 5Господ слезе да ги види градот и кулата, што луѓето ги градеа. 6И Господ рече: „Ете, еден народ се, со еден јазик за сите! Но, ова е само почеток на нивните настојувања. Сега ништо нема да им биде неостварливо, што и да намислат да направат. 7Да слеземе и да им го измешаме јазикот, за да не се разбираат еден со друг што зборуваат.“ 8Така Господ ги распрсна оттаму по целата земја и прекратија да го ѕидаат градот. 9Затоа е наречен Вавилон (Мешање), зашто Господ го измеша таму јазикот на целата земја.
10Овие се Симови потомци: кога Сим имаше сто години - на две години по потопот - му се роди Арфаксад. 11По Арфаксадовото раѓање, Сим живееше пет стотини години и му се раѓаа уште синови и ќерки. 12Кога Арфаксад наполни триесет и пет години, му се роди Сала; 13а по Салиното раѓање Арфаксад живееше четири стотини и три години, и му се раѓаа уште синови и ќерки.
14Кога Сала имаше триесет години, му се роди Евер; 15а по Еверовото раѓање Сала живееше четири стотини и три години, и му се раѓаа уште синови и ќерки.
16Кога Евер имаше триесет и четири години, му се роди Фалек. 17По Фалековото раѓање, Евер поживеа четири стотини и триесет години, и му се родија уште синови и ќерки. 18Кога Фалек наполни триесет години, му се роди Рагав. 19По Рагавовото раѓање, Фалек живееше двеста и девет години, и му се родија уште синови и ќерки.
20Кога на Рагав му беа триесет и две години, му се роди Серух. 21По Серуховото раѓање, Рагав поживеа двеста и седум години, и му се народија уште синови и ќерки. 22Кога Серух имаше триесет години, му се роди Нахор. 23По Нахоровото раѓање, Серух живееше двеста години и му се родија уште синови и ќерки.
24Кога Нахор имаше дваесет и девет години, му се роди Тара. 25По Тариното раѓање, Нахор живееше сто и деветнаесет години, и му се природија уште синови и ќерки. 26Кога на Тара му беа седумдесет години, му се родија Аврам, Нахор и Аран.
Аврамово родословие
27Ова е Тарино потомство: На Тара му се родија: Аврам, Нахор и Аран; а на Аран му се роди Лот. 28Аран почина пред татка си, во својата родна земја, во Халдејски Ур. 29Аврам и Нахор се оженија. Името на Аврамовата жена беше Сара, а на Нахоровата - Мелха, ќерка на Арам, татко на Мелха и Есха. 30Сара беше неротка, немаше пород. 31Тара ги поведе: својот син Аврам, својот внук Лот, Арановиот син, и својата снаа Сара, сопругата на сина си Аврама, и се запати, со нив, од Халдејскиот Ур кон Ханаанската Земја. Кога стигнаа до Харан, се населија таму. 32А Тариниот век стигна до двеста и пет години; а тогаш Тара почина во Харан.

Селектирано:

БИТИЕ 11: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се