Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БИТИЕ 12

12
Повикување на Аврам
1Господ му рече на Аврама: „Излези од својата земја, од родното место и од татковиот дом; и оди во земјата што ќе ти ја покажам. 2Ќе направам голем народ од тебе, ќе те благословам, ќе го прославам твоето име и самиот ќе бидеш благослов. 3Јас ќе ги благословам оние, кои ќе те благословуваат, а ќе ги проколнам оние, кои ќе те проколнуваат. И во тебе ќе бидат благословени сите племиња на земјата.
Ветување на Ханаанската земја
4Тогаш Аврам тргна, како што му рече Господ. И Лот тргна со него. Аврам имаше седумдесет и пет години кога излезе од Харан. 5Аврам ги поведе со себе: својата жена Сара и својот внук Лот, со целиот имот што го спечалија и со сите луѓе што ги доби во Харан, и сите тргнаа кон Ханаанската Земја. Кога стигнаа во Ханаан, 6Аврам ја пропатува земјата до местото Сихем - до дабот Море. Во тоа време Ханаанците живееја во земјата. 7Господ му се јави на Аврама и рече: „Ќе му ја дадам оваа земја на твоето потомство.“ И Аврам му направи таму жртвеник на Господа, Кој му се јави. 8Оттаму се премести кон ридот, што е на исток од Ветил. Таму го оптегна својот шатор, меѓу Ветил на запад и Гај на исток. И таму Му направи жртвеник на Господа и го повика Господовото име. 9Потоа Аврам продолжи да патува сѐ кон југ, кон Негев.
Аврам во Египет
10Кога настапи глад во земјата, Аврам слезе во Египет да поживее таму, зашто голем глад завладеа во земјата. 11Кога се наближи до влезот во Египет, ѝ рече на својата жена Сара: „Знам дека си убава жена. 12Кога Египетците ќе те видат, ќе речат: ‘Тоа е неговата жена’, и мене ќе ме убијат, а тебе ќе те остават жива. 13Кажи дека си ми сестра, за да ми биде и мене добро заради тебе и да го запазат мојот живот заради твојот збор.“ 14Навистина, кога Аврам влезе во Египет, Египетците видоа дека жената е многу убава. 15Ја видоа и фараоновите дворјани и му ја пофалија на фараонот и ја одведоа жената во фараоновиот дворец. 16Тој му направи добро на Аврама заради неа; Аврам имаше овци, говеда, ослиња, слуги, слугинки, ослици и камили. 17Но Господ ги удри фараонот и неговиот дом со големи проклетства заради Аврамовата сопруга Сара. 18Тогаш фараонот го повика Аврама и му рече: „Што е тоа што ми направи? Зошто не ми кажа дека ти е жена? 19Зошто ми рече - сестра ми е - па јас си ја зедов за жена. А сега, ете ти ја жената, земи ја и оди си.“ 20И фараонот му одреди луѓе, кои го испратија со неговата жена и со сѐ што имаше.

Селектирано:

БИТИЕ 12: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се