БИТИЕ 33
33
Јаковова средба со Исава
1Јаков ги поткрена очите и виде дека доаѓа Исав и со него четири стотини луѓе. Ги раздели своите деца меѓу Лија, Рахила и двете слугинки; 2ставајќи ги на чело слугинките и нивните деца; по нив Лија и нејзините деца; а Рахила и Јосифа одназад. 3Самиот замина напред, се поклони седумпати до земја, додека му се приближи на брата си.
4Исав се затрча во пресрет, го прегрна, паѓајќи му околу вратот, го пољуби и заплакаа. 5Тогаш ги подигна очите и ги виде жените и децата. „Кои се овие со тебе?“ праша. Тој одговори: „Децата кои Бог му ги подари на твојот слуга.“ 6Потоа слугинките со своите деца истапија напред и се поклонија длабоко. 7И Лија истапи напред, со своите деца, па се поклонија. Најпосле, Јосиф и Рахила истапија напред и се поклонија. 8Исав праша: „Зошто ти е сево множество, што го сретнав?“ Тој одговори: „За да ја придобијам наклоноста на својот господар.“ 9Исав одговори: „Јас имам доста, брате мој. Нека ти остане тебе, што е твое.“ 10А Јаков рече: „Не! Ако најдов милост во твоите очи, прими дар од мојата рака; зашто мене ми е - бидејќи ме прими љубезно - како да го гледам Божјото лице. 11Затоа прими го мојот благослов: што ти го донесов; зашто Бог ми подари, па имам сѐ.“ И го наговори, и тој зеде.
12„Да тргнеме на пат - рече Исав - и јас ќе патувам со тебе.“ 13Но тој му одговори: „Мојот господар знае дека децата се кревки. Освен тоа, треба да се грижам за овците и кравите, што дојат: ако ги терам пребргу само еден ден, сите ќе изумрат. 14Мојот господар нека оди пред својот слуга, а јас ќе одам полека, според врвежот на добитокот пред мене и според чекорот на децата, додека стигнам при својот господар во Сир.“
15Исав рече: „Да ти оставам неколку луѓе, од овие што се со мене!“ Но тој му одговори: „Зошто е тоа? Јас само нека најдам милост во очите на мојот господар!“ 16Во тој ден, Исав се запати - по својот пат - назад во Сир, 17додека Јаков отиде во Сокхот, каде си изгради куќа, и направи трла за својот добиток. Затоа го нарече местото Сокхот. 18Откако дојде од Падан Арам, (Сирска Месопотамија) Јаков пристигна во сихемскиот град Салим, што се наоѓа во Ханаанската Земја, и го оптегна својот шатор пред градот. 19Делот од полето, на кое го постави својот шатор, го купи од синовите на Емора, Сихемовиот татко, за сто сребреници. 20Постави жртвеник таму и го повика таму името на Господа, Израелевиот Бог (Ел, Елое Израел).
Селектирано:
БИТИЕ 33: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.