БИТИЕ 34
34
Засрамена и обесчестена Дина
1Дина, ќерката што Лија му ја роди на Јакова, излезе да посети некои девојки на оној крај. 2Ја виде Евеецот Сихем, син на Емор, кнез на онаа земја, па ја грабна и насила легна со неа. 3Неговото срце се приврза кон Јакововата ќерка Дина, и тој се вљуби во девојката. Настојуваше да го придобие срцето на девојката. 4Сихем му зборуваше и на татка си Емор: „Земи ми ја онаа девојка за жена!“ 5Јаков научи дека Сихем ја обесчести неговата ќерка Дина. Но бидејќи неговите синови беа со добитокот, во полето, Јаков молчеше додека не дојдоа тие. 6А Сихемовиот татко, Емор, дојде при Јакова, за да се спогодат, 7токму кога Јакововите синови се враќаа од полето. Кога научија, луѓето беа јадосани и многу лути. Во Израел беше срамно тоа што го стори Сихем, легнувајќи со Јакововата ќерка: така не смееше да се постапува. 8Емор им рече: „Мојот син Сихем се вљуби со сета душа во вашата ќерка. Дајте му ја за жена! 9Посватете се со нас: давајте ни ги своите ќерки, а земајте ги нашите ќерки за себе! 10И можете да живеете среде нас; земјата е пред вас, за да се населите, да стопанисувате на неа и да придобивате имот!“ 11Сихем им рече на татка ѝ и на нејзините браќа: „За да најдам милост во вашите очи, ќе ви дадам што ќе побарате. 12Барајте од мене колку што сакате: сѐ што ќе запросите ќе ви дадам, само дајте ми ја девојката за жена.“
13Јакововите синови им одговорија на Сихем и на неговиот татко Емор со лукавство, зашто ја обесчести сестра им Дина - 14па им рекоа: „Не можеме да се согласиме да ја дадеме сестра си на човек, кој не е обрезан, зашто тоа би било срам за нас. 15Единствено ќе ја дадеме, под услов, ако и вие станете како нас, ако ги обрежете сите свои машки. 16Тогаш ќе можеме да ви ги даваме своите ќерки и да ги земаме вашите за себе, да се населиме при вас и да бидеме еден род (народ). 17А ако не нѐ послушате нас, да се обрежете, ќе ја земеме нашата ќерка и ќе си одиме.“
Одмазда за Дина
18На Емор и Сихем, Еморовиот син, им се допаднаа зборовите. 19Момчето не се забави да го изврши барањето, зашто копнееше по Јакововата ќерка; а беше најпочитуван од сите во татковиот дом. 20Емор и неговиот син Сихем дојдоа пред вратата на овој град и им зборуваа вака на своите сограѓани: 21„Овие луѓе се мирни; нека се населат меѓу нас во земјава; нека се занимаваат на неа; ете, земјата е пространа пред нив; ќе можеме да ги земаме нивните ќерки за жени, а нашите да им ги даваме ним. 22Но луѓето ќе се согласат да живеат меѓу нас и да бидат еден народ со нас, само ако сите наши машки бидат обрезани, како што се и тие обрезани. 23Зар така не ќе бидат наши: добитокот што го придобија, сето нивно богатство? Да се согласиме, па нека се населат среде нас!“ 24Сите возрасни машки, кои имаа право да излезат на градската врата, ги послушаа Емор и неговиот син Сихем, па секое машко беше обрезано, - секој што имаше право да излезе на градската врата.
25А на третиот ден, додека тие уште беа во болки, два Јаковова сина, Симеон и Леви, Динини браќа, го грабнаа секој својот меч и дојдоа во градот, без пречки, и ги погубија сите машки. 26Ги пресекоа со меч Емора и неговиот син Сихем, ја зедоа Дина од Сихемовата куќа и си отидоа. 27Другите Јаковови синови дојдоа при убиените и го опустија градот, зашто нивната сестра беше обесчестена. 28Колку што имаше крупен и ситен добиток и ослиња, и сѐ што имаше во градот и во полето ги истераа; 29ги ограбија сите нивни богатства, а сите нивни деца и жени - сѐ што беше во куќите - ги запленија. 30Јаков им рече на Симеон и Леви: „Ме воведовте во неприлика, правејќи ме замразен меѓу жителите на земјава: Хананците и Ферезејците. Ако се обединат против мене и ме нападнат, додека сме оволку малку на број, ќе ме истребат со мојот дом.“ 31Тие одговорија: „Зар да постапува со нашата сестра, како со некаква блудница?“
Селектирано:
БИТИЕ 34: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.