БИТИЕ 35
35
Јаков во Ветил: Завет
1Бог му рече на Јакова: „Стани, оди горе во Ветил и остани таму! Направи Му таму жртвеник на Бога, Кој ти се јави кога бегаше од брата си Исава!“ 2И Јаков им рече на сите во својот дом и на сите што беа со него: „Отфрлете ги туѓите идоли, што се наоѓаат во ваша средина; очистете се и преоблечете се. 3Одиме горе во Ветил; таму ќе Му направам жртвеник на Бога, Кој ме послуша кога бев во неволја и беше со мене на патот, по кој одев.“ 4Тие му ги предадоа на Јакова сите туѓи идоли, што ги имаа, и наушниците што беа на нивните уши, и Јаков ги закопа под дабот во Сихем. 5Кога тргнаа, страв од Бога ги опфати околните места, така што не тргнаа во потера по Јакововите синови. 6Јаков стигна во Луз, односно Ветил, во Ханаанската Земја, и сите луѓе што беа со него. 7Таму изгради жртвеник - и местото го нарече Ел-Ветил, зашто Бог му се јави таму, кога тој бегаше пред својот брат Исав. 8Тогаш умре Ревекината доилка Девора, па ја погребаа под Ветил, под дабот, што оттогаш се вика „Тажен Даб.“ 9Бог му се јави пак на Јакова, кога стигна од Падан Арам, и го благослови. 10Бог му рече: „Името ти е Јаков, но отсега нема да се викаш Јаков, туку твоето име ќе биде Израел.“ Така го нарече Израел. 11Тогаш Бог му рече: „Јас Сум Ел Шадај - Сѐмоќен Бог! Биди плоден и размножувај се! Од тебе ќе произлезе народ, множество народи, и цареви ќе излезат од твоето крило. 12Земјата што им ја дадов на Авраама и Исака, Јас ти ја предавам тебе; и на твоето потомство, по тебе, ќе му ја дадам оваа земја.“ 13Тогаш Бог се вознесе од него, каде што му зборуваше. 14На местото каде што Бог разговараше со него, Јаков исправи столб, столб од камен; принесе жртва врз него и го полеа со масло. 15А местото каде што му зборуваше Бог, Јаков го нарече Ветил.
Рахилина смрт
16Потоа тргнаа од Ветил. Имаше уште малку пат до Еуфрат, а Рахила се најде на породување. Ја нападнаа тешки болки. 17Кога породилните болки ѝ беа најголеми, бабицата ѝ рече: „Не бој се, зашто и овој ти е син!“ 18Кога се делеше од душата - зашто Рахила умираше - му го даде на синот името Венони; но таткото го нарече Венијамин. 19Така почина Рахила. Ја погребаа покрај патот за Ефрат, односно Витлеем. 20А Јаков подигна споменик на нејзиниот гроб - оној што е до денес на Рахилиниот гроб. 21Израел тргна натаму и го оптегна својот шатор од онаа страна на Мигдал-Едер.
22Додека Израел престојуваше во оној крај, Рувим отиде и легна со Вала, соложница на татка си. Израел научи за тоа. Јаков имаше дванаесет синови.
Јаковови синови
23Со Лија: Рувим, Јакововиот првороденец, Симеон, Леви, Јуда, Исахар и Завулон. 24Со Рахила: Јосиф и Венијамин; 25со Рахилината слугинка Вала: Дан и Нефталим; 26со Лиината слугинка Зелфа: Гад и Асир. Тоа се Јакововите синови, кои му се родија во Падан Арам.
Исакова смрт
27Јаков дојде при татка си Исака во Мамвриј, во Киријат Арва, односно Хеврон - каде Авраам и Исак престојуваа како придојденици. 28Исак умре кога имаше сто и осумдесет години. 29Исак издивна и почина, старец и заситен со години, па беше придружен при своите луѓе. Неговите синови, Исав и Јаков, го погребаа.
Селектирано:
БИТИЕ 35: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.