Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БИТИЕ 45

45
Јосиф им се открива на браќата
1Јосиф не можеше веќе да се совладува пред оние, кои го опкружуваа, па извика: „Нека отстапат сите!“ Така не остана никој со Јосифа, кога им се откри на браќата. 2Заплака гласно одеднаш, да можеа и Египетците да го чујат. Се научи за тоа и во фараоновиот дворец. 3„Јас сум Јосиф - им рече Јосиф на браќа си. - Дали е татко ми уште жив?“ Но браќата не можеа да му одговорат, толку се смутија пред него.
4Јосиф им рече пак на браќата: „Приближете се кон мене!“ Кога се приближија, продолжи: „Јас сум Јосиф, вашиот брат; кого го продадовте во Египет. 5Но сега не се возбудувајте и не жалете за тоа дека ме продадовте ваму; зашто Бог е Оној, Кој ме испрати пред вас, за запазување на вашиот живот. 6Веќе две години се откако дојде гладот на земјата, а уште пет години нема да има ни орање ни жетва во земјата. 7Затоа Бог ме испрати пред вас, за да ви биде запазен остатокот на земјата и да ви го спаси животот со големо избавување. 8Така, вие не ме испративте ваму, туку Бог; Тој ме постави фараонов татко, господар над сиот негов дом и владетел над целата Египетска Земја. 9Побрзајте кон мојот татко и речете му: ‘Твојот син Јосиф ти го порачува ова: „Бог ме постави за господар на целиот Египет; слези при мене без двоумење. 10Ќе се настаниш во крајот Гесен. Така ќе бидеш близу до мене: ти, твоите деца, твоите внуци, твоите овци и говеда и сѐ што е твое. 11Таму ќе се грижам за тебе, зашто гладот ќе потрае уште пет години. Така не ќе скуднееш ни ти, ни твоето семејство, ниту кој и да е твој.“‘ 12Па со своите очи можете да видите, како што гледа и брат ми Венијамин, дека мојата уста ви го зборува тоа. 13Раскажете му на таткото за мојот висок положај во Египет и за сѐ што видовте; и доведете ми го таткото бргу ваму!“ 14И го прегрна братот Венијамин и заплака; а плачеше и Венијамин, прегрнувајќи го околу вратот. 15Потоа ги изљуби сите свои браќа, им се расплака во прегратка. Потоа неговите браќа разговараа со него.
16Гласот се расчу во фараоновиот дворец: „Јосифовите браќа стигнаа!“ Тоа им беше мило на фараонот и на неговите царедворци. 17А фараонот му рече на Јосифа: „Кажи им на своите браќа нека го направат ова: ‘Натоварете ги своите добичиња и тргнете веднаш во Ханаанската Земја. 18Земете ги татка си и своите семејства и дојдете при мене! Јас ќе ви ја дадам најдобрата земја во Египет, па ќе уживате во изобилството на земјава.’“ 19А го заповеда и ова: „Направете вака: Од Египетската Земја, спотерајте коли за своите деца и за своите жени, земете го таткото и дојдете. 20Нека вашите очи не се натажат за вашите работи, зашто сѐ што е најдобро во Египет, ќе биде ваше.“
21Израелевите синови направија така. Според фараоновата повелба Јосиф им даде коли и храна за по пат. 22Секому од нив му даде нова облека, а на Венијамина му даде триста сребреници и пет облеки. 23Исто така, му испрати на татка си: десет ослиња натоварени со најдобри египетски плодови, и десет ослиња натоварени со жито, леб и прехранбени производи, за по пат на таткото. 24Испраќајќи ги своите браќа на пат, им рече: „Не се препирајте патем!“ 25И така, тие си отидоа од Египет и стигнаа во Ханаанската Земја, при татка си Јакова. 26Кога му рекоа: „Јосиф е жив и уште повеќе - владее над целата Египетска Земја!“ Неговото срце се скамени, зашто не можеше да им верува. 27Но кога му раскажаа сѐ што им рече Јосиф, и кога ги видоа колите, што ги испрати Јосиф, за да го превезат, духот на татка им Јакова оживе. 28„Доста - рече Израел. - Мојот син Јосиф уште е жив. Треба да тргнам и да го видам пред да умрам.“

Селектирано:

БИТИЕ 45: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се