ИСАИЈА 40
40
КНИГА НА УТЕХА
40:1-66:24
А. Господово спасение
1. Навестување на избавување
1„Тешете го, тешете го, Мојот народ,“ говори вашиот Бог. 2„Зборувајте му на срцето на Ерусалим, викајте му, за да му сврши ропството, за да му биде простена вината, зашто од Господовата рака прими двојно за сите свои гревови.“ 3Глас вика: „Пригответе Му на Господа пат низ пустината. Израмнете ја патеката на нашиот Бог во степата. 4Нека се издигне секоја долина, нека се спушти секоја гора и бреже. Што е нерамно, нека се израмни, стрмнините нека станат рамни. 5Тогаш ќе се открие Славата Господова, и секое тело ќе ја види, зашто Господовата уста зборуваше.“ 6Гласот наложува: „Викај!“ Одговорив: „Што да викам?“ - „Секое тело е како трева, неговата сета убавина е како полски цвет. 7Тревата се суши, цветот свенува, кога Господовиот здив ќе помине преку нив. Навистина, народот е трева. 8Тревата се суши, цветот овенува, но Словото на нашиот Бог останува довека.“
9Искачи се на висока гора, гласнику на Добрата вест, Сионе! Поткрени го силно својот глас, гласнику на Добрата вест, Ерусалиме! Издигни го, не бој се, речи им на јудејските градови: „Еве Го вашиот Бог!“ 10Ете, Господ Бог доаѓа со сила, владее со Својата мишка! Еве ја со Него и Неговата плата, а пред Него Неговата награда. 11Како пастир го пасе Своето стадо, во рацете ги зема јагнињата, ги носи во Својата прегратка, и внимателно ги негува доилките.
2. Господово величие
12Кој го измери морето со дланка и кој ги премери небесата со педа? Кој ја измерил со мерка земјата, и планините на мерилки, а бреговите на тежилка? 13Кој го измерил Господовиот Дух, и кој Му бил советник за да Го поучи? 14Со кој се посоветува Тој, кој Му дал разум Нему, кој Го научил на патиштата на правдата? Кој Го научи на знаење, кој Му покажа пат кон мудроста? 15Ете, народите се како капка од ведро, вредат колку прав на мерилката. Островите, ете, треперат во воздухот како ситно делче! 16Ливан е мал за огнена клада, а неговите ѕверови нема достатно за паленица. 17Сите народи се како ништо пред Него, за Него се ништо и празнина.
3. Вистински Бог и идоли
18Со кого ќе Го уподобите Бога? И со каков лик ќе Го споредите? 19Леачот лее кип, златарот го позлатува и одлева веришки од сребро. 20Бедниот за принос бира дрво што не гние и бара вешт уметник за да му направи неподвижен кип.
21Зар не знаете? Зар не сте чуле? Не ли ви е откриено од старини? Зар не сфативте кој ја основа земјата? 22Тој престолува над земниот круг, жителите се како скакулците пред Него. Како завеса ги простре небесата, ги оптегна како шатор за живеење. 23Тој ги обрнува кнезовите во ништо, ги уништува земните судови. 24Што туку беа засадени, што туку беа посеани, што туку нивното стебленце испружи корен во земјата, Тој дувнува на нив, и тие се осушуваат, виорот ги разнесува како плева. 25„Со кого ќе Ме изедначите Мене, кој Ми е рамен?“ вели Светецот. 26Подигнете ги очите и гледајте: кој го создаде тоа? Оној Кој по број ја изведува нивната војска, и Кој ги вика сите по име.
4. Верност и Сѐмоќност на Божјата милост
27Зошто велиш, Јакове, и ти, Израеле, зборуваш: „Мојот пат е скриен за Бога, мојата правда Му избегнува на мојот Бог?“ 28Зар не знаеш? Зар не си чул? Господ е вечен Бог, Творец на земните краишта. Тој не се заморува, не постанува, и Неговиот ум е неизмерлив. 29На заморениот му ја враќа силата, го зајакнува немоќниот. 30Младите се заморуваат и се истоштуваат, изнемоштените момчиња се тетерават. 31Но на оние кои се надеваат во Господа, силата се обновува, им растат крилја како на орлите, трчаат и не постануваат, одат и не се уморуваат.
Селектирано:
ИСАИЈА 40: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.