ИСАИЈА 41
41
5. Кир, персиски цар, ослободител
1Молкнете пред Мене острови, народите нека соберат нова сила. Нека се приближат и нека проговорат; да пристапиме заедно на суд. 2„Кој го крена од исток оној кого Победата го следи во чекор? Кој му ги предава народите и му ги подвластува царевите? Прав се под неговиот меч, неговиот лак ги распрснува како плева. 3Ги гони, напредува безбедно, неговите нозе не се допираат до патот. 4Кој го направи и изврши тоа? Оној Кој од почетокот ги повикува поколенијата, Јас, Господ, Кој Сум прв, и ќе бидам Овој ист со последните!“ 5Островите гледаат и страв ги обзема, треперат земните краишта, тие наближуваат и веќе се тука. 6Секој му помага на својот другар, и на својот брат му вели: „Храбро!“ 7Леарот го насрчува златарот, тој кој кове со чекан го бодри оној кој удира на наковалната. Тој зборува за спојувањето: „Добро е“, и со клинци го зацврстува кипот за да не се помрднува.
6. Израел, Божји слуга, орудие на Божја Промисла
8„Ти, Израелу, слуго Мој, Јакове, кого го избрав, потомок на Авраама, Мојот љубимец! 9Ти, кого го зедов од краиштата на земјата, и го повикав од нејзините рабови, ти кому реков: ‘Ти си Мој слуга, те избрав и не те отфрлив.’ 10Не бој се, зашто Јас Сум со тебе; не обрнувај се исплашено, зашто Јас Сум твој Бог. Јас те крепам и ти помагам, те потпирам со победничка десница. 11Ете, ќе се засрамат и ќе се смутат, сите кои беснееја на тебе, ќе бидат уништени и ќе пропаднат оние кои се спореа со тебе! 12Ќе ги бараш твоите противници, но не ќе ги најдеш. Ќе бидат уништени, како да не постоеле оние кои војуваат против тебе. 13Зашто Јас, Господ, твојот Бог, ја крепам твојата десница и ти велам: ‘Не бој се, Јас ти помагам.’
14Не бој се, Јакове, црвче, Израелу, ларво, Јас Сум твоја помош - говори Господ - Израелевиот Светец е твој искупител. 15Ете, те правам остра брана со нови, двојни запци; ќе ги вршиш и ќе ги сотреш планините, ќе ги претвориш бреговите во прав. 16Ќе ги вееш, ветерот ќе ги однесе, виорот ќе ги распрсне. А ти ќе воскликнуваш во Господа, и ќе се фалиш со Израелевиот Светец.
17Немоќните и бедните бараат вода, а неа ја нема! Јазикот им се осуши од жед. Јас, Господ, ќе ги послушам нив, Јас, Израелевиот Бог, нема да ги оставам. 18Ќе отворам реки на голите брегови, и извори среде доловите. Ќе ја претворам пустината во езеро, а сувата земја во кладенци. 19Ќе посадам во пустината: кедар, багрем, мирта и маслинка. Степата ќе ја пошумам со чемпрес, со јавор и со бука заедно. 20Сите нека видат и нека знаат, нека размислат и нека сфатат: Господовата рака го направи тоа, Израелевиот Светец создаде сѐ.“
7. Господ - Единствен вистински Бог
21„Изнесете го својот спор,“ вели Господ, „предочете ги доказите,“ вели Израелевиот Цар. 22„Нека пристапат и нека ни јават она што ќе се збидне. Па зошто ни открија за она што беше, што се исполнило, за да мислиме за тоа? Или известете што ќе биде, за да дознаеме за она што доаѓа? 23Откријте ни што ќе се случи после и ќе познаеме дека сте богови. Направете нешто, добро или зло, за да се зачудиме и да се исплашиме заедно. 24Но вие не сте ништо и вашите дела се ништожни, гнасен е кој ќе ве избере.
25Го кренав од север за да дојде, го повикав по име од исток. Ги газеше кнезовите како кал, како што грнчарот гази по глината. 26Кој го соопшти тоа од старини да би сме го знаеле, кој прорече од напред да би сме рекле: ‘вистина е?’ Но нема никој кој би го јавил, ниту некој што би го навестил, ниту некој за да ги чуе вашите зборови. 27Јас прв му реков на Сион: „Ете, еве го“; прв му го испратив на Ерусалим гласникот на Радосната вест. 28Гледав, ама немаше никој, ниеден од нив за да даде совет, за да ги прашам и да одговорат. 29Еве, сите заедно се ништо, ништожни се нивните дела, ветер и празнина нивните идоли.
Селектирано:
ИСАИЈА 41: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.