ИСАИЈА 60
60
5. Идна слава на Сион
а. Нов Ерусалим
1Стани, засвети, зашто твојата светлина доаѓа, над тебе блеска Господовата Слава, 2а еве, темнината ја покрива земјата, и мракот народите! А тебе те осветлува Господ, и Неговата Слава се јавува над тебе. 3Народите чекорат кон твојата светлина, и царевите кон исток на твојот сјај.
б. Обратени народи Му се поклонуваат на Израелевиот Бог
4„Подигни ги очите, обѕрни се: сите се собираат, доаѓаат кон тебе. Твоите синови доаѓаат од далеку, ти ги носат ќерките во прегратки. 5Тогаш ќе гледаш и ќе блескаш од радост, срцето ќе ти игра и ќе се шири, зашто кон тебе ќе затече богатството на морето, богатството на народите ќе дојде кон тебе. 6Мноштво камили ќе те покријат, едногрби камили од Мадијам и Ефа. Сите ќе дојдат од Сава, донесувајќи злато и темјан и ќе ја навестат Господовата Слава. 7Сите кидарски стада ќе се соберат во тебе, наваотските овнови ќе ти бидат за служба. Ќе се искачуваат, како угодна жртва, на Мојот жртвеник, ќе го прославам Домот на Мојата Слава! 8Кои се оние што треперат во воздухот како облаци, како гулаби на своите прозорци? 9Да, Мене Ме чекаат островите, а тарсиските кораби се пред нив, за да ги доведат твоите синови од далеку, а со нив нивното сребро и злато, заради Името на Господа, твојот Бог, заради Израелевиот Светец, Кој те прослави.
в. Свеченост и мир на Божји народ
10Странци ќе ги обноват твоите ѕидови, и нивните цареви ќе ти служат. Јас те удрив во Својот гнев, но пак ти се смилував со Својата наклоност. 11Твојата врата ќе биде отворена секогаш, не ќе се затвора ни дење ни ноќе, за да ги пропушти кон тебе богатствата на народите, со царевите кои ги водат. 12Зашто ќе пропаднат народот и царството што не ќе сака да ти служи, и тие народи ќе се сотрат сосем. 13Славата на Ливан ќе дојде при тебе, чемпресите, јаворите и брезите заедно, за да го украсат просторот на Моето Светилиште, ќе го прослават Моето подножје! 14При тебе ќе доаѓаат, наведнати синовите на твоите угнетувачи, ќе ти паѓаат пред нозе кои те презираа. Ќе те наречуваат Господов Град, Сион на Израелевиот Светец.
г. Благосостојба и мир на Царството на Месија
15Затоа што беше оставен, замразен, одбегнуван, ќе те направам вечно возвишен, радост од поколение до поколение. 16Ти ќе се ситиш со млекото на народите, ти ќе се доиш од градите на царевите. И ќе знаеш дека Сум Јас, Господ, твој Спасител, Јакововиот Силен, твој Искупител. 17Место бакар, ќе донесам злато, место железо, ќе донесам сребро; место дрва, бакар, место камен, железо. Мирот ќе го поставам за твој главатар, Правдата за владетел. 18Веќе не ќе се слуша за насилство во твојата земја, ни за запустување и разурнување на твое подрачје. Своите ѕидови ќе ги наречуваш Спасение, својата врата - Слава. 19Сонцето веќе не ќе ти биде светлина дење, туку Господ ќе биде твоја вечна светлина, и твојот Бог ќе биде твој сјај. 20Твоето сонце нема веќе да заоѓа, ниту месечината ќе ти се затемни, зашто Господ ќе биде твое вечно видело и ќе се свршат деновите на твојата жалост. 21Сите во твојот народ ќе бидат праведници, и ќе ја наследат земјата довека, подниците на Мојот расад, делото на Моите раце, за да се прославам во нив. 22Од најмалиот ќе останат илјада, од слабиот силен народ, Јас, Господ, зборував, ќе го извршам тоа во право време.“
Селектирано:
ИСАИЈА 60: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.