Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕРЕМИЈА 10

10
5. Приклучување на пророчко слово во вратите на Храмот
а. Бог ќе ги истреби идолите и ќе го изобличи Својот народ
1Слушајте го зборот што ви го зборува Господ, Израелев Дому. 2Господ зборува вака: „Не свикнувајте на безбожниот пат, и не треперете пред небесните знаци, зашто пред нив треперат само безбожниците. 3Зашто правилата на тие народи се ништожество, само дрво пресечено во гората, дело на рацете на дрводелецот, 4украсено со сребро и злато, прицврстено со клинови и со млат за да не се ниша. 5Слични се на птичините страшила во градината: не знаат да зборуваат. Треба да бидат носени, зашто не умеат да одат. Не бојте се од нив, зашто не можат да прават зло, но не можат да прават ни добро.“
6Никој не е како Ти, Господи, Ти си велик и силно е Твоето Име. 7Кој да не се бои од Тебе, Цару на народите? Навистина, Тебе Ти припаѓа, зашто меѓу сите мудреци на народите и во сите нивни царства Ти нема рамен! Со што палат оган, тоа ги залудува! Законот им е суетен - обично дрво.
8Сите до еден тие се бесмислени и глупи; празно учење - тоа е дрво. 9Сребро исковано во листови увезено од Тарсис, злато од Уфаз, работа на копаничарот и ракотворба на златарот, сѐ уметнички дела, наметнати со љубичесто и со црвено сукно. 10А Господ е вистински Бог, Тој е жив Бог и вечен Цар. Земјата се тресе од Неговиот гнев, народите не можат да ја поднесат Неговата јарост.
11Еве што ќе речете за киповите: „Боговите кои не ги создадоа небесата ни земјата треба да ги снема од лицето на земјата и под небото.“
12Тој ја создаде земјата со Својата сила, со Својата мудрост ја утврди вселената, и со Својот ум ги оптегна небесата. 13Кога ќе Му заечи гласот, водите на небесата шумат, ги крева облаците од крајот на земјата; му создава молња на дождот, го изведува ветерот од неговите засолништа. 14На секој човек му застанува паметта, секој златар се засрамува од својот кип, зашто сите кипови му се само измама, нема дух во нив! 15Тие се суетни, смешни творби, ќе пропаднат во денот на казната. 16„Јакововиот Дел“ не е како нив: зашто Тој е Творец на сѐ, Израел е племе на Неговото наследство, Господ над Воинствата е Неговото Име.
б. Тревога во Ерусалим
17Собери ги своите искинати облеки од земјата, ти, кој живееш во тврдина! 18Зашто Господ вели вака: „Ете, овој пат далеку ќе ги отфрлам жителите на оваа земја, ќе ги притеснам за да Ме најдат.“
19Горко ми заради мојата повреда, мојата рана е неизлечива. А јас реков: „Сепак, болеста е моја, ќе ја носам!“ 20Мојот шатор е расипан, сите јажиња се скинати. Децата ме оставија: ги нема. Нема кој да го оптегне пак мојот шатор и да ги крене шаторските крилја. 21Да, пастирите ја загубија паметта: Не Го бараа Господа. Затоа среќата не ги придружува, и сите стада се распрснаа.
22Чујте вести! Еве, се доближува страшно бучење од северната земја, за да ги претвори јудејските градови во пустина, во кална локва на шакалите.
23Знам, Господи, дека патот на човекот не е во неговата власт, дека човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори! 24Господи, казни ме, но по правда, не во гнев, за да не ме сотреш.
25Излеј гнев врз народите кои не Те признаваат, и на племињата кои не го повикуваат Твоето Име! Зашто тие го голтнаа Јакова, го изедоа, го запустија неговото живеалиште.

Селектирано:

ЕРЕМИЈА 10: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се