ЕРЕМИЈА 11
11
В. Знаци на Божји судови и избавување
1. Нарушување на Заветот и знак на гнил појас
1Словото што Господ му го упати на Еремија: 2„Чуј ги зборовите на овој Завет и зборувај им на Јудејците и на Ерусалимците. 3Речи им: ‘Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: „Проклет да биде човекот, кој не ќе ги послуша зборовите на овој Завет, 4зборовите што им ги заповедав на вашите татковци кога ги изведов од Египетската Земја, од онаа вжарена печка, говорејќи: ‘Послушајте го Мојот глас и правете сѐ што ќе ви заповедам: тогаш ќе бидете Мој народ, а Јас ваш Бог,’ 5за да ја исполнам заклетвата со која им се заколнав на вашите татковци дека ќе им ја дадам земјата во која течат млеко и мед - како што е денес.“‘“ А јас одговорив и реков: „Така е, Господи.“
6И Господ ми рече натаму: „Објави ги овие зборови по јудејските градови и по ерусалимските улици: ‘Послушајте ги зборовите на овој Завет, па извршувајте ги. 7Зашто сериозно ги опоменував вашите татковци кога ги изведував од Египетската Земја и неуморно ги опоменувам до денес, велејќи: „Послушајте го Мојот глас.“ 8Но тие не слушаа и не го приклонија своето уво, туку се поведоа по закоравеноста на своето срце. Затоа дозволив да се исполнат на нив сите зборови на овој Завет, за кого им заповедав да се придржуваат за него, но тие не се придржуваа за него.’“
9И Господ ми рече: „Заверата е меѓу Јудејците и Ерусалимците. 10Се вратија кон беззаконијата на своите татковци, кои се оглушија на Моите зборови, па трчаа по туѓите богови, за да им служат. Израелевиот дом и Јудиниот дом го прекршија Мојот Завет, што го склучив со нивните татковци.“ 11Затоа Господ зборува вака: „Еве, ќе доведам врз нив зло на кое не ќе му избегаат; ќе викаат кон Мене, но Јас нема да ги слушам. 12Тогаш јудејските градови и ерусалимските жители нека викаат кон боговите на кои им кадат, но тие нема да им помогнат во време на неволја! 13Зашто имаш, о Јудејо, богови колку и градови! И колку што има улици во Ерусалим, толку жртвеници подигнавте за да му кадите на Ваала. 14И така, ти не моли милост за тој народ, не дигај го гласот за нив и не моли, зашто нема да ги послушам кога ќе Ме повикаат во својата неволја.
15Што бара мојата возљубена во Мојот Дом? Смислуваат лоши основи. Дали мрсното и посветеното месо ќе го отстранат злото од тебе? Дали можат затоа да те прогласат чиста? 16‘Зелена маслинка со убаво растење,’ така те нарече Господ. А сега со голем шум со пламен го гори нејзиното лисје, изгорени се нејзините гранки. 17Господ над Воинствата, Кој те беше посадил, ти наметна несреќа заради злосторот што го направи Израелевиот дом и Јудиниот дом, кадејќи му на Ваала, за да Ме разгневат Мене.
б. Гонење на Еремија
18Господ ми објави, па знам! Господи, тогаш Ти ми ги откри нивните сплетки. 19А јас бев како кротко јагне, што го водат на колење и не претчувствував дека против мене кројат пакосни замисли. „Да го уништиме дрвото со неговите плодови; да го откорнеме од земјата на живите, за да не му се спомнува никогаш веќе името!“
20Но Ти, Господи над Војските, Кој судиш праведно, Кој ги испитуваш срцето и бубрезите, дај ми да видам како им се одмаздуваш ним, зашто Тебе Ти ја доверив својата парница.
21„Затоа Господ над Воинствата зборува против луѓето во Анатот, кои што ми работат спроти глава и зборуваат: ‘Не пророкувај веќе во Господово Име, за да не загинеш од нашата рака!’ 22Господ над Војските зборува вака: ‘Еве, Јас ќе ги казнам. Нивните младинци ќе загинат од меч, синовите и ќерките ќе изумрат од глад. 23Ни Остатокот не ќе остане кога ќе им ја донесам несреќата на луѓето во Анатот во годината на нивната казна.’“
Селектирано:
ЕРЕМИЈА 11: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.