ЈОВ 1
1
ВОВЕД
1:1-2:13
А. Историја за Јов
Негово богатство и негова богобојазливост
1Беше некогаш во земјата Уз човек по име Јов. Тоа беше непорочен и праведен човек: се боеше од Бога и се отстрануваше од злото. 2Му се родија седум синови и три ќерки. 3Имаше седум илјади овци, три илјади камили, пет стотини двојки волови, пет стотини магариња и мошне многу слуги. Тој човек беше најугледен меѓу жителите на исток. 4Неговите синови имаа обичај да даваат наизменично гозби кај еден од нив, секој во својот ден, и ги повикуваа своите три сестри да јадат и пијат со нив. 5А кога ќе се изредеа со гозбите, Јов ги повикуваше на посветување. Подрануваше рано наутро и принесуваше паленици за секого од нив; мислеше: „Кој знае дали не згрешија моите синови и да не го похулија Бога во своето срце!“ Така правеше Јов постојано.
Б. Сатаната го клевети Јов
1. Прво искушение
6Еден ден дојдоа Божјите синови да застанат пред Бога, а меѓу нив пристапи и Сатаната. 7Тогаш Господ го праша Сатаната: „Од каде доаѓаш?“- „Еве поминав низ земјата и ја обиколив,“ одговори тој. 8Потоа Господ рече: „Дали го забележа мојот слуга Јов? Нему никој не му е рамен на земјата. Тоа е непорочен и праведен човек, се бои од Бога и се отстранува од злото!“ 9А Сатаната Му одговори на Господа: „Зар Јов се бои напразно од Бога? 10Зар не ги загради него, неговиот дом и сиот негов имот? Го благослови делото на неговите раце, имотот му се умножи на земјата. 11Ама испружи ја еднаш раката и допри во сѐ што има: ќе Те проколне во лице!“ 12„Нека ти биде! - му рече Господ на Сатаната. - Прави што сакаш со сѐ што има; само не кревај ја својата рака врз него.“ И Сатаната отиде од пред Господовото лице.
13Еден ден, додека Јововите синови и ќерки јадеа и пиеја во куќата на најстариот брат, 14дојде гласник при Јов и рече: „Твоите волови ораа, а ослиците пасеа покрај нив, 15кога одненадеж Савејците нападнаа на нив и ги грабнаа, убивајќи ги слугите со остар меч. Единствено само јас избегав да ти го јавам ова.“ 16Додека тој уште го зборуваше тоа, дојде друг и рече: „Божји оган удри од небото, ги изгоре твоите овци и пастири и ги проголта. Единствено избегав јас да ти јавам.“ 17Додека уште зборуваше дојде трет и рече: „Халдејците удрија, со три чети, на твоите камили и ги грабнаа, убивајќи ги слугите со остар меч. Единствено избегав јас да ти јавам.“ 18Додека уште зборуваше овој, дојде четвртиот и рече: „Твоите синови и ќерки јадеа и пиеја вино во куќата на најстариот брат. 19И ете, силен ветер се крена од пустината, удри на сите четири агли на куќата, ја урна врз децата, па тие загинаа. Единствено избегав јас да ти јавам.“
2. Јовово трпение
20Тогаш Јов стана, ја расцепи облеката врз себе, ја избричи главата и падна ничкум на земјата, се поклони 21и рече: „Излегов гол од мајчината утроба, и ќе се вратам гол таму. Господ даде, Господ зеде! Благословено да биде Господовото име!“ 22Покрај сѐ тоа, Јов не згреши ниту изусти некаква навреда против Бога.
Селектирано:
ЈОВ 1: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.