Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЛЕВИТ 16

16
Голем Ден на Очистување
1По смртта на двајцата Аронови синови, кои загинаа принесувајќи му на Господа непосветен оган, Господ му проговори на Мојсеја: 2Господ му рече на Мојсеја: „Кажи му на брата си Арона да не влегува во секое време во Светилиштето зад завесата, пред Очистилиштето, што е врз ковчегот за да не загине. Зашто Јас ќе се појавувам над Капакот во облак. 3Арон нека влегува во Светилиштето вака: со јунец за принос за грев и со овен за паленица. 4Нека се облече во осветен ленен хитон-кошула; нека облече ленени гаќи на своето тело; нека се препаше со ленен појас, а на главата нека стави ленена митра-капа. Тоа се свети облеки, што ќе ги облече откако ќе се искапе во вода. 5И нека прими од Израелевата заедница: два јарци за принос за грев и еден овен за паленица.“
6„Откако Арон ќе го принесе јунецот за принос за грев за себе и ќе направи покривање на гревот за себеси и својот дом, 7нека ги земе двата јарци и нека ги стави пред Господа при влезот во Шаторот на средбата. 8Арон нека фрли жрепка за двата јарци и нека го одреди едниот со жрепка за Господа, а другиот за отпуштање. 9Арон нека го принесе за жртва за грев јарецот, на кого жрепката падна да биде Господов. 10А јарецот на кого жрепката падна да биде за отпуштање, нека биде поставен жив пред Господа, за да биде извршено покривање на гревот со него и за да биде испратен во пустината за отпуштување, (и за да ги понесе на себе нивните безаконија во непроодна земја).
Жртва за грев на првосвештеник
11„Потоа Арон нека приведе јунец за принос за грев за себе и нека направи покривање на гревот за себеси и својот дом; и нека го заколе јунецот како жртва за грев за себе. 12Потоа нека земе кадилница, полна со вжарени јаглења од жртвеникот, што е пред Господа, и два полни грста благомирислив темјан, истолчен во прав. Нека го внесе тоа зад завесата. 13Сега нека го стави темјанот во огнот пред Господа, за димот од темјан да го покрие Капакот над Сведоштвото. Така нема да загине. 14Потоа нека земе крв од јунецот и нека ја попрска, со својот прст, источната страна на Капакот; а пред Капакот нека попрска со својот прст седум пати со крвта.
Жртва за грев на народ
15Потоа нека го заколе јарецот за принос за грев за народот; нека ја внесе неговата крв зад завесата и нека направи со неговата крв како што сторил со крвта од јунецот: нека попрска со неа по Капакот и пред него. 16И ќе го покрие од грев Светилиштето заради нечистотиите на Израелевите синови и од нивните престапи, во сите нивни гревови. А така нека направи и за Шаторот на средбата што се наоѓа среде нив, меѓу нивните нечистотии. 17Кога тој ќе влезе да го очистува Светилиштето, нека нема никој друг во Шаторот на средбата додека не излезе тој. Откако ќе го изврши очистувањето за себе, за својот дом и за целото Израелско општество, 18нека отиде кон жртвеникот што се наоѓа пред Господа и нека го очисти, па нека земе крв од јунецот и крв од јарецот и нека ја положи на роговите на жртвеникот од сите страни. 19Нека го попрска жртвеникот, со својот прст, од истата крв седум пати. Така ќе го очисти, и ќе го освети, од нечистотиите на Израелевите синови.“
Јарец за однесување на беззаконија. „Отпуштање“
20„Кога ќе го сврши очистувањето на Светилиштето, Шаторот на средбата и жртвеникот, нека го приведе живиот јарец. 21Арон нека ги стави своите раце на главата на живиот јарец и нека ги исповеда над него сите беззаконија на Израелците, сите нивни престапи и сите нивни гревови. Откако ќе ги положи така на главата на јарецот, нека го испрати во пустината преку раката на определениот човек за тоа. 22Така јарецот ќе ги однесе со себе сите нивни беззаконија во непроодна земја и тој нека го пушти јарецот во пустина.“
23„А Арон нека влезе во Шаторот на средбата, нека ги соблече од себе ленените облеки, во кои беше облечен кога влегуваше во Светилиштето, и нека ги остави таму. 24Потоа нека го измие своето тело со вода на свето место и нека ја облече на себе својата облека, па нека излезе за да ги принесе: својата жртва паленица и паленицата на народот и ќе се очисти себеси, и народот. 25А лојот од жртвата за грев нека го изгори на жртвеникот. 26Оној кој го одведе јарецот на отпуштање нека ја испере својата облека, нека го измие своето тело во вода, и потоа пак може да влезе во логорот. 27А јунецот за грев и јарецот за грев, чија крв беше внесена во Светилиштето за покривање на гревот, нека ги изнесат надвор од логорот па нека ги изгорат во оган нивните кожи, нивното месо и нивната нечистота. 28Кој ќе ги гори, нека ја испере својата облека, нека го искапе своето тело во вода, и после тоа пак може да дојде во логорот.“
29„Овој закон нека биде вечен за вас: во седмиот месец, на десеттиот ден на месецот, смирете ги вашите души и не вршете никаква работа: ни домородецот ни странецот, кој е населен меѓу вас. 30Зашто на тој ден ќе биде извршено над вас покривање на гревовите, за да бидете чисти, пред Господа, од сите ваши гревови. 31Нека ви биде тоа саботна починка, за да ги успокоите вашите души. Тоа е вечен закон. 32Покривањето на гревовите нека го изврши оној свештеник, кој е помазан и посветен за вршење на свештеничка служба место татка си. Нека се облече во ленени облеки - свети облеки. 33Тој нека направи очистување на Светилиштето, очистување на Шаторот на средбата и жртвеникот; и нека ги очисти свештениците и целото народно општество. 34Така, ова нека биде за вас вечен закон: еднаш годишно да бидат очистувани Израелевите синови од сите нивни гревови.“ Тој направи како што Господ му нареди на Мојсеја.

Селектирано:

ЛЕВИТ 16: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се