Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЛУКА 10

10
Мисија на седумдесет ученика
1Потоа Господ определи седумдесет и ги испрати, по двајца пред Себе во секој град и во секое место, каде сакаше да отиде; 2и им рече: „Жетвата е голема, а работниците се малку. Затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва. 3Одете! Ете, Јас ве праќам како јагниња меѓу волци. 4Не носете ни мало торбиче за сребреници, ни торба, ниту обувки и не поздравувајте никого патем! 5И во која куќа влезете, најнапред речете: „Мир на оваа куќа!“ 6И ако биде таму синот на мирот, вашиот мир ќе остане на неа; а ако ли не, ќе се врати при вас. 7Останете во таа куќа, јадете и пијте што имаат, зашто трудбеникот ја заслужува својата плата. Не преоѓајте од куќа во куќа. 8И ако влезете во некој град и ве примат, јадете што ќе изнесат пред вас! 9Исцелувајте ги болните во него и говорете им: „Божјото Царство се приближи до вас!“ 10Ако пак влезете во некој град и не ве примат, излезете на неговите улици и речете: 11“И правот од вашиот град - што се залепил на нашите нозе - ви го истресуваме; но знајте го ова - Божјото Царство се приближи.“ 12Ви велам - полесно ќе му биде на Содом во оној ден, отколку на тој град.“ 13“Горко ти, Хоразине! Горко ти, Витсаидо! Зашто ако во Тир и Сидон беа извршени чудата, што се случија во вас, веќе одамна би се покајале, облечени во вреќи и во пепел. 14Но на Тир и Сидон полесно ќе им биде на Судот, отколку вам! 15И ти Капернауме, зар ќе се издигнеш до небо? Ќе бидеш разурнат до пеколот! 16Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша; и кој ве отфрла вас, Мене Ме отфрла; а кој Ме отфрла Мене, Го отфрла Оној, Кој Ме пратил.“
17А седумдесетте се вратија со радост и рекоа: „Господи, и нечистите духови ни се покоруваат во Твое име.“ 18А Тој им рече: „Го видов сатаната како падна од небото, како молња! 19Ете, ви давам власт да газите на змии и на скорпии и над секоја непријателска сила, и ништо нема да ви напакости. 20Но не радувајте се на тоа, дека духовите ви се покоруваат, туку радувајте се, дека вашите имиња се запишани на небесата!“
21Во истиот час се зарадува во Светиот Дух и рече: „Ти благодарам Татко! Господи на небото и на земјата, зашто си го сокрил ова од мудрите и умните, а им го откри на младенците. Да, Татко, таква беше Твојата волја. 22Мојот Татко Ми предаде сѐ! И никој не знае Кој е Синот, освен Таткото; и Кој е Таткото - знае само Синот, и оној кому Синот сака да му открие. 23“И кога се обрати посебно кон учениците, рече: „Блажени се очите, кои го гледаат ова, што вие го гледате! 24Зашто, ви велам дека многу пророци и цареви сакаа да го видат тоа, што вие го гледате, и не видоа; и да го чујат она, што вие го слушате, и не чуја.“
Милостив Самарјанец
25И ете, еден учител на Законот стана да Го искушува и Го праша: „Учителе, што треба да правам, за да наследам вечен живот?“ 26А Тој му рече: „Што е напишано во Законот? Како читаш?“ 27А тој одговори и рече: „Љуби Го Господа, својот Бог - со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сета своја сила и со сиот свој ум; и својот ближен како себеси!“ 28Му рече: „Право одговори! Прави го тоа и ќе живееш!“ 29Но тој, сакајќи да се оправда, Го праша Исуса: „А кој е мој ближен?“ 30Исус му одговори и рече: „Еден човек, слегуваше од Ерусалим во Ерихон; и налета на разбојници, кои го соблекоа и го ранија; го оставија полумртов и си отидоа. 31А случајно по истиот пат слегуваше еден свештеник, и кога го виде, си замина на другата страна. 32Исто така и еден левит, кога дојде таму и кога го виде - си замина на другата страна. 33А еден патник Самарјанец дојде до него и кога го виде, се сожали. 34Му се приближи, му ги полеа раните со масло и вино и му ги преврза; после го качи на своето добиче, го однесе во гостилницата и се погрижи за него. 35Утредента извади два динарии и му ги даде на гостилничарот и рече: „Погрижи се за него, и ако потрошиш нешто повеќе, ќе ти платам на враќање.“ 36Што мислиш, кој од тие тројца му беше ближен на оној, кој попадна среде разбојниците?“ 37Тој рече: „Оној, кој му укажа милост.“ Исус му рече: „Оди и ти прави така.“
Марта и Марија
38И кога одеа, влезе во едно село, некоја жена, по име Марта, Го прими во својот дом. 39А таа имаше сестра, по име Марија, која седна при нозете на Господа и го слушаше Неговото слово. 40А Марта се трудеше многу да Му служи што подобро. Таа пристапи и рече: „Господи! Зар не Ти е грижа дека мојата сестра ме остави да служам сама? Кажи ѝ да ми помогне!“ 41А Господ ѝ одго-вори и рече: „Марта! Марта! Ти се грижиш и се вознемируваш за многу нешта; 42а потребно е едно. Марија го избра добриот дел, што нема да ѝ се одземе.“

Селектирано:

ЛУКА 10: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се