НАУМ 1
1
БОЖЈО ВЕЛИЧИЕ ВО МИЛОСТ И ВО СУД
1:1-15
А. Натпис
1Пророштвото за Нинивија; книга на видението на Наум Елкошанецот.
Б. Химна на Божјо величие
2Господ е Бог ревнител и одмаздник; Господ се одмаздува и се гневи; Господ им се одмаздува на Своите противници, издржлив е во гневот против непријателите. 3Господ е долготрпелив, ама голем во сила. Никако, Господ нема да ги пушти виновниците неказнети. Неговиот пат е во виор и во бура, облаците се прав на Неговите нозе. 4Му се заканува на морето и го исушува, ги пресушува сите реки. Васан и Кармил овенаа, венее цветот на Ливан. 5Пред Него горите се потресуваат, бреговите се топат, земјата се воздига пред Него, светот и сѐ што живее во него. 6Кој може да издржи пред Неговото негодување? И кој ќе издржи пред пламенот на Неговиот гнев? Неговиот гнев се излева како оган и стените се распаѓаат пред Него. 7Господ е добар, Тој е тврдина во ден на неволја, ги познава оние, кои прибегнуваат кон Него. 8Кога потопните води ќе поплават, ќе го уништи наполно нејзиното место, ќе ги протера Своите непријатели во мрак. 9Што смислувате вие против Господа? Тој уништува до крај; неволјата нема да се подигне двапати. 10Како трнлив грмушник и како пијаници напиени, како сува слама ќе бидат наполно проголтани.
В. Пророштво и осудување
11Од тебе произлезе оној, кој смислува зло против Господа, советникот на Велијал. 12Господ зборува вака: „Нека се подготвени, нека се многубројни, ќе бидат покосени, кога тој ќе помине. Ако те понижив, нема да те понижувам отсега. 13А сега, ќе го скршам јаремот негов од тебе, ќе ги скинам твоите окови.“ 14Господ наредува против тебе: „Не ќе се сее веќе од твоето име, од капиштето на твоите богови ќе ги истребам резаните и леаните ликови, ќе го направам твој гроб, зашто си презрен.“
Г. Радосната вест, што доаѓа
15Гледајте, врз горите се нозете на оној, кој носи Добра вест, кој проповеда: „Мир!“ Празнувај ги своите празници, Јудо, исполни ги своите заклетви, зашто Велијал веќе не ќе поминува преку тебе, тој е сосема истребен.
Селектирано:
НАУМ 1: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.