НАУМ 3
3
ПРИЧИНИ ЗА РАЗУРНУВАЊЕ НА НИНИВИЈА
3:1-19
А. Грев на Нинивија
1Тешко му на крвничкиот град, полн е со лаги и грабеж; тој не прекратува со ограбувањето! 2Слушајте! Плускање на бич; слушајте! Тропање на колца; коњите се издигаат, колите потскокнуваат, 3коњаниците јаваат, мечевите блескаат, копјата светкаат, многу ранети, мнозинство мртви, трупови до недоглед, се сопнуваат на трупови! 4Тоа сето е заради многуте разврати на блудницата, на милата љубовница, господарката на магии, која со својот разврат ги продава народите и племињата со своите вражања. 5„Еве Ме! Против тебе,“ говори Господ над Војските. „Ќе ги подигнам, преку твоето лице, скутовите на твојата облека, ќе им ја покажам твојата голота на народите, твојот срам на царствата. 6Ќе фрлам смет врз тебе, ќе те засрамам, ќе те ставам за приказ. 7Секој кој ќе те види, ќе бега од тебе, и ќе рече: ‘Нинивија, каква урнатина! Кој може да ја пожали?’ Каде да барам тешители за тебе?“
Б. Праведен Божји Суд
8Зар не си подобра од Амоновата Теба, која лежеше меѓу водите на Нил, со води опкружена, морето беше нејзин пред ѕид водите беа нејзин ѕид? 9Нејзина сила беше Етиопија, и Египет; немаше граници. Фут и Ливија ѝ беа помошници. 10Но сепак заробена, таа отиде во ропство; и нејзините младенци беа здробени по сите раскрсници; за нејзините угледни луѓе фрлаа жрепка, сите нејзини големци оковани се во вериги. 11Така и ти ќе се опијаниш, ќе се сокриеш, и ќе бараш засолниште од непријателите. 12Сите твои тврдини се како смоквите со рани зрели плодови; ако се стресат, тогаш паѓаат во устата на оној, кој сака да ги јаде. 13Ете, твојот народ среде тебе се како жени, портите на твојата земја ќе бидат ширум отворени пред непријателите твои, огнот ги изгоре твоите резиња. 14Нацрпи си вода за опсадата, зацврсти ги своите утврди, влези во калта, гази ја глината, земи калап за плитар. 15Таму оган ќе те проголта и мечот ќе те истреби; ќе те изеде како скакулците. Множи се како бубачки, множи се како скакулци. 16Ги умножи твоите трговци, повеќе од ѕвездите на небесата. Но младите скакулци се свлекуваат и одлетнуват. 17Твоите кнезови се како скакулци, а военачалниците како рој скакулци, што седат по ѕидовите кога е студено, но кога сонцето ќе огрее, одлетнуваат и нивното место не се познава каде биле. 18Твоите пастири спијат о, царе асирски; твоите моќници лежат, твојот народ се распрсна по горите, никој веќе не може да го собере. 19Нема оздравување за твојата повреда, твојата рана е неизлечива. Сите, што ќе чујат за тебе, ќе плескаат раце над тебе, зашто врз кого ли не премина твојата злоба постојано?
Селектирано:
НАУМ 3: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.