Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БРОЕВИ 1

1
Избор на главни пребројувачи за попис
1Во Синајската Пустина, во Шаторот на средбата, Господ му рече на Мојсеја, во првиот ден на вториот месец, во втората година по излегувањето од Египетската Земја: 2„Извршете попис на целата израелска заедница по родови и по семејства, наведувајќи ги имињата на сите машки, глава по глава. 3Од дваесет години нагоре, способните за борба во Израел, ти и Арон, избројте ги според нивните единици. 4Со вас нека биде по еден човек од секое племе, главатар на својот прадедовски дом. 5Ова се имињата на луѓето кои ќе ви помагаат: Елисур, син Седиуров, од Рувимовото племе; 6Саламил, син Сурисадеев, од Симеоновото племе; 7Насон, син Аминададов, од Јудиното племе; 8Натанаил, син Согаров, од Исахаровото племе; 9Елијав, син Хелонов, од Завулоновото племе. 10Од Јосифовите синови: Елисам, син Емиудов; од Ефремовото племе; Гамалиил, син Фадасуров, од Манасиевото племе; 11Авидан, син Гадеониев, од Венијаминовото племе; 12Ахизер, син Амисадаев, од Дановото племе; 13Фагаел, син Ехранов од Асировото племе; 14Елисав, син Деуелов од Гадовото племе; 15Ахиреј, син Енанов, од Нефталимовото племе.“ 16Тоа беа избраниците од општеството, владетели на нивните татковски племиња и главатари на Израелевите илјадници.
Пребројување на Израел
17Тогаш Мојсеј и Арон ги зедоа тие луѓе кои беа одредени по име, 18па ја свикаа целата заедница во првиот ден на вториот месец. Тогаш во пописот, според родовите и семејствата по ред, беше внесуван бројот на личностите повозрасни од дваесет години, еден по еден. 19Како што Господ му нареди на Мојсеја, така тој ги изброја во Синајската Пустина. 20Кога беше утврдено Рувимовото потомство, на Израелевиот првенец, по неговите родови и семејства, ги запишаа глава по глава имињата на сите машки од дваесет години нагоре, на сите способни за борба. 21Преброените од Рувимовото племе беа четириесет и шест илјади и пет стотини.
22Беа избројани Симеоновите потомци по нивните родови и семејства: беа избројани, глава по глава, имињата на сите машки од дваесет години нагоре, на сите способни за борба. 23Избројаните од Симеоновото племе беа педесет и девет илјади и три стотини.
24Кога беше утврдено потомството на Гадовите синови по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. 25Избројаните од Гадовото племе беа четириесет и пет илјади и шест стотини и педесет.
26Кога беше утврдено потомството на Јудините синови по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. 27Избројаните од Јудиното племе беа седумдесет и четири илјади и шест стотини.
28Кога беше утврдено потомството на Исахаровите синови по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војување. 29Избројаните од Исахаровото племе беа педесет и четири илјади и четири стотини.
30Кога беше утврдено потомството на Завулоновите синови по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на сите од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. 31Избројаните од Завулоновото племе беа педесет и седум илјади и четири стотини. 32Јосифовите синови: кога беше утврдено потомството на Ефремовите синови, по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. 33Избројаните од Ефремовото племе беа четириесет илјади и пет стотини.
34Кога беше утврдено потомството на Манасиевите синови, по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. 35Избројаните од Манасиевото племе беа триесет и две илјади и двеста.
36Кога беше утврдено потомството на Венијаминовите синови, по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. 37Избројаните од Венијаминово племе беа триесет и пет илјади и четири стотини.
38Кога беше утврдено потомството на Дановите синови, по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. 39Избројаните од Дановото племе беа шеесет и две илјади и седум стотини.
40Кога беше утврдено потомството на Асировите синови, по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. 41Запишаните од Асировото племе беа четириесет и една илјада и пет стотини.
42Кога беше утврдено потомството на Нефталимовите синови, по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. 43Избројаните од Нефталимовото племе беа педесет и три илјади и четири стотини.
44Тоа се оние кои ги избројаа Мојсеј и Арон со дванаесетте израелски главатари, по еден човек од секој татковски дом. 45Беа избројани сите Израелци, по татковските домови, од дваесет години и повеќе, сите способни за војна во Израел. 46И така, сите избројани беа шест стотини и три илјади пет стотини и педесет.
Пописот не ги опфаќа левитите
47Меѓу нив не беа вброени левитите по поколенијата на нивните татковци. 48Имено, Господ му рече на Мојсеја: 49„Само Левиевото племе не го внесувај во пописот на Израелците. 50Туку ти самиот одреди ги левитите за служба во Шаторот на Сведоштвото; за сиот негов намештај и сѐ што спаѓа во него; тие нека го носат Шаторот и сиот негов прибор; тие нека служат во него и нека го поставуваат својот логор околу него. 51Кога Шаторот треба да биде преместен, левитите нека го разглобат; а кога Шаторот треба да застане, левитите нека го подигнат пак. Странец кој ќе му се доближи нека биде погубен. 52Израелевите синови нека ги оптегнуваат своите шатори секој во својот логор; секој при своето знаме, по чети. 53Левитите нека престојуваат околу Шаторот на Сведоштвото, за да не падне гнев врз Израелевото општество. Така левитите нека чуваат стража околу Шаторот на Сведоштвото.“ 54Израелците направија така како што Господ му нареди на Мојсеја. Така направија во сѐ.

Селектирано:

БРОЕВИ 1: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се