ПОСЛОВИЦИ 21
21
Ф. Ризници на грешен
1Царевото срце е во рацете на Господа, како вода што тече; го води каде што сака. 2Секој пат е праведен за човекот во сопствените очи, а Господ го испитува срцето. 3Да се извршува правда и да се прави право помило Му е на Господа, отколку жртва. 4Издигнати очи и горделиво срце и светилка на нечесните, тоа е грев. 5Замислите на трудољубивиот се стремат кон изобилство, а избувливиот трпи сиромаштво. 6Сокровиште придобиено со лажлив јазик е непостојана суета на оние кои бараат смрт. 7Нечесните ќе ги одвлече нивното насилство, зашто не сакаат да прават правда. 8Сплеткан е патот на грешникот, а делото на чистиот човек е право. 9Подобро е да се живее под работ на покривот, отколку во заедничка куќа со препирлива жена. 10Душата на нечесниот го сака злото; во него нема сомилост ни за ближниот. 11Кога се казнува потсмевачот, простиот станува мудар, а мудрите црпат знаење од поуката. 12Праведниот Бог го набљудува домот на нечесните, и нечесните ги фрла во несреќа.
Х. Сокровишта на мудар
13Кој го затнува своето уво пред викањето на сиромавиот, и самиот ќе вика, но никој не ќе го послуша. 14Тајниот подарок ја стивнува лутината, а подарокот, под рака, и жестоката јарост. 15Праведниот суд е радост за праведникот, а ужас за злосторниците. 16Човек кој свртува од патот на разумот, ќе почива во собранието на мртвите. 17Кој ја љуби веселбата, станува сиромав, и кој ги сака виното и мирисливото масло, не се збогатува. 18Нечесниот човек е откуп за праведникот, и безбожникот стапува на местото на праведникот. 19Подобро е да се живее во пустина, отколку со расправлива и гневлива жена. 20Драгоцено е благото и маслото во станот на мудриот, а безумниот човек ги растура. 21Кој се стреми кон правдата и милоста, наоѓа живот, правда и чест. 22Мудрецот го совладува градот на силните, и ја крши силата на која се надеваат. 23Кој ги чува својата уста и јазикот, самиот се чува од неволја. 24На дрскиот и гордиот името му е „потсмевач“, тој работи сѐ со прекумерна дрскост. 25Мрзливиот го убива неговата желба, зашто неговите раце одбиваат да работат. 26Нечесниот по цел ден лакоми, а праведникот дава и не штеди. 27Омразена е жртвата на нечесните, особено кога се принесува со лукавство. 28Лажливиот сведок пропаѓа, а човек кој слуша, ќе говори секогаш. 29Нечесните покажуваат дрско лице, а чесниот внимава на својот пат. 30Нема мудрост, и нема разум, и нема совет, против Господа. 31Коњот се подготвува за денот на бојот, но победата е од Господа.
Селектирано:
ПОСЛОВИЦИ 21: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.