ПСАЛМИ 40
40
Послушност и долготрпеливост на Месија
1. Признавање на Божја благост
За началник на пејачи. Давидов псалм.
1Јас се надевав цврсто во Господа, и Тој се наведна кон мене и го послуша мојот повик. 2И ме извлече од јамата на гибелта, од тињата и калта; ги стави моите нозе врз карпа, ги закрепи моите чекори. 3Во мојата уста стави нова песна, фалба на нашиот Бог. Мнозина ќе видат и ќе се исплашат: и ќе се надеваат на Господа.
4Блажен е оној човек, чија надеж е во Господа, и не е склон кон горделивите, ниту кон оние што отстапуваат лажно. 5О Господи, Боже мој, Ти твориш многу чудеса и замисли чудни - Ти нема рамен! Сакам да ги кажувам и да ги објавувам, Но премногу се за да можат да бидат преброени.
2. Послушност на Месија
6Не Ти се мили ни жртвите ни приносите, туку ми ги отвори ушите; не бараш паленица ни покајнички принос. 7Тогаш реков: „Еве, доаѓам! Во книжниот свиток пишува за мене; 8мило ми е, Господи, да ја исполнувам Твојата волја, јас го носам Твојот закон длабоко во срцето.“
9Ќе ја проповедам Твојата правда во големо собрание; и нема да ги затворам моите усни; о Господи, сѐ Ти е познато. 10Нема да ја кријам Твојата правда во срцето, ќе раскажувам за Твојата верност и за Твоето спасение. Нема да ги тајам ни Твојата добрина, ни Твојата вистина во големото собрание.
3. Негова молитва за милости
11А Ти, о Господи, не ми ја скратувај Твојата добрина; Твојата милост и Твојата вистина нека ме чуваат секогаш. 12Зашто ме опкружија безбројни зла, моите беззаконија ме стигнаа, така што не можам да гледам; ги има повеќе од влакната на мојата глава, и затоа моето срце се онемошти.
13Господи, благоволи да ме избавиш; Господи, побрзај да ми помогнеш! 14Нека се засрамат и нека се збунат сите, што ја бараат гибелта на мојата душа. Нека се повлечат и нека се посрамат, оние, кои се радуваат на мојата несреќа! 15Нека се скаменат во својот срам, оние, кои ми велат: „ха, ха!“ 16Нека се радуваат и нека се веселат во Тебе, сите, кои Те бараат! Нека зборуваат секогаш: „Господ е величествен!“ Сите, кои го љубат Твоето спасение. 17Јас сум беден и ништожен, но Господ се грижи за мене. Ти си моја помош и мој спасител; о Боже мој, не задоцнувај!
Селектирано:
ПСАЛМИ 40: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.