Ефесјаните 4
4
1Затоа ве молам, јас кој сум затвореник поради тоа што проповедам за Господ, да живеете живот достоен за луѓе што се повикани, одбрани од Бог.
2Да бидете понизни, кротки и трпеливи. Да се толерирате меѓусебно и да се сакате.
3Трудете се да ги зачувате единството, меѓусебната поврзаност и мирот што ви ги дава Светиот Дух.
4Сите ние сме дел од едно исто тело, сите го имаме истиот Божји Дух, и кога бевте одбрани да бидете Божји народ, вам ви беше дадена една иста надеж.
5Постои само еден Господ, само една вера, само едно крштавање.
6Постои само еден Бог, Татко на сите. Тој е Господар над сите, дејствува преку сите и живее во сите.
7Но Христос секого од нас го надарил со разновидна дарба, како што Тој милувал.
8Затоа Светото Писмо вели: „Кога се вознесе во висините, зеде со Себе многу затвореници и им даде дарови на луѓето.“
9Што значи тоа „кога се вознесе“? Тоа подразбира дека Тој прво слезе до најдолните предели на Земјата.
10Тој што слезе е истиот Оној што се издигна високо над сите неба, а тоа е Христос, за да може да ја исполни целата вселена и да владее со неа.
11Христос надарил некои луѓе да бидат апостоли, други да бидат пророци; некои да бидат евангелизатори, а други духовни пастири и учители.
12Тие треба да ги обучат Божјите луѓе за извршување на Неговото дело - изградба на Црквата, духовното Христово тело,
13се додека сите заедно не постигнеме единство во верата и во познавањето на Божјиот Син, со што ќе станеме целосно зрели според возвишените стандарди што ги постави Христос.
14Не треба веќе да се однесуваме како малолетници, фрлани наваму - натаму од брановите, носени од сите ветришта на лажните човечки учења, кои итро ги водат луѓето во стапицата на измамата.
15Треба да растеме, цврсто држејќи се до вистината, искажувајќи ја со љубов, доближувајќи се во секој поглед до Оној што е главата, до Христос.
16Тој го поврзува и обединува целото тело, за да функционира како сложна целина. Кога секој дел од телото си ја извршува својата функција, целото тело расте, самото себе се изградува и се исполнува со љубов.
17Затоа ви велам и ве обврзувам пред Господ: не треба веќе да живеете онака како што живеат луѓето кои не знаат за Господ, водени од нивните празни умови.
18Нивните умови се помрачени. Тие се отуѓени од животот што доаѓа од Бог, затоа што не го разбираат тоа, а не го разбираат бидејќи срцата им се закоравени.
19Тие веќе не го разликуваат праведното од грешното. Лакомо се препуштаат на разни пороци и на секаков вид гнасни работи.
20Но вие што сте запознаени со учењето на Христос, не сте учени така да живеете.
21Слушнавте за Него и научивте дека вистината произлегува од Исус.
22Затоа, отфрлете ја вашата стара природа и поранешниот начин на живеење, таа стара природа, докрај расипана, полна со похот и измама.
23Сега сте духовно препородени, со нов начин на размислување.
24Однесувајте се како нови луѓе, создадени да бидете слични на Бог: праведни, свети и искрени.
25Веќе не треба ни да помислите да лажете, туку да ја зборувате само вистината, бидејќи сме органи на едно исто тело.
26„Не гневете се во толкава мера та да грешите!“ Гневот нека ви помине уште истиот ден!
27Не оставајте простор Ѓаволот да дејствува!
28Кој крадел, да не краде веќе; нека работи нешто чесно, нека заработува со своите раце, па да може да им дава и на оние што имаат потреба од помош.
29Лоши зборови да не излегуваат од вашата уста! Зборувајте поучни работи, зборови од кои слушателите ќе имаат некаква полза.
30Не ожалостувајте го Светиот Дух со своите постапки. Тој е вашиот гарант дека сте спасени и ве чува за денот на откупувањето.
31Ослободете се од сета горчина, гнев и лутина. Немојте да викате еден на друг и да се навредувате. Ослободете се од се што е зло.
32Бидете љубезни еден спрема друг и полни со милосрдие, простувајте си, како што и Бог ви прости преку Христос.
Селектирано:
Ефесјаните 4: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.