Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Ефесјаните 5

5
1Следете го Божјиот пример, бидејќи вие сте Негови омилени деца.
2Вашите постапки нека бидат водени од љубовта, токму онака како што Христос, воден од љубов, го принесе Својот живот како жртва што Му е пријатна на Бог и има сладок мирис.
3Вие сте свети Божји луѓе и меѓу вас не смее да има блуд, гнасотии и алчност.
4Не смее да има безобразни, глупави разговори и двосмислени шеги. Сето тоа не ви прилега. Наместо тоа, искажувајте ја вашата благодарност спрема Бог.
5Можете да бидете сигурни дека ниту еден блуден, гнасен или алчен човек нема да биде во Царството на Христос и на Бог. И алчноста е еден вид идолопоклонство!
6Не дозволувајте никој да ве мами, наоѓајќи оправдување за ваквите гревови! За вакви работи Бог ги казнува сите непослушни луѓе!
7Со такви луѓе немојте да си имате работа.
8Вие порано бевте во мрак, но сега, откако поверувавте во Господ, ве огреа светлина. Затоа однесувајте се како деца на светлината.
9Таа светлина во вас ќе роди секаков вид добрина, праведност и вистина.
10Трудете се да откриете што Му е мило на Бог и тоа правете го.
11Не учествувајте во бесполезни работи, кои се дела на темнината. Напротив, разоткривајте ги!
12За она што тајно го прават некои луѓе срамота е дури и да се зборува!
13Но светлината ќе ги разоткрие и се ќе излезе на виделина,
14Зашто се што е изложено на светлина, станува јавно. Затоа се вели: „Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите и Христовата светлина ќе те огрее.“
15Внимавајте како живеете! Нека биде тоа мудро, а не неразумно.
16Ова се тешки времиња, затоа користете го секој миг.
17Немојте да се однесувате глупаво, туку трудете се да сфатите како Господ сака да се однесувате.
18Не опивајте се со вино! Тоа може само да ве уништи. Дозволете Му на Светиот Дух да ве исполни и да ве води!
19Разговарајте еден со друг, читајте псалми, пејте химни и духовни песни! Вашите срца нека пеат за Господ!
20Постојано и за се заблагодарувајте Му се на Бог, небесниот Татко во името на нашиот Господ Исус Христос.
21Слушајте се еден со друг од почит спрема Христос.
22Жените треба да ги слушаат своите сопрузи, онака како што Го слушаат Господ,
23зашто мажот е глава на својата сопруга, онака како што Христос е глава на Црквата. Тој е Спасител на Црквата, која е Негово тело,
24па, како што Црквата Му е послушна на Христос, така треба и жените во се да им се послушни на своите сопрузи.
25Истото важи и за вас мажите. Секој маж нека си ја сака својата сопруга онака како што Христос ја сака Црквата и животот си го даде за неа,
26за да ја направи света, исчистувајќи ја преку водното крштавање и преку Божјото Слово,
27да ја доведе пред Себе славна, без дамка, без брчка, без ништо слично, па да биде света и без мана.
28Така треба и мажот да ја сака својата сопруга. Да ја сака онака како што си го сака сопственото тело. Кога човек си ја сака сопругата, покажува дека се сака самиот себе.
29Никој не го мрази сопственото тело, туку го храни и се грижи за него. Тоа го прави и Христос за Црквата.
30А ние сме органи во Неговото тело - Црквата.
31Светото Писмо вели: „Заради тоа човек ќе ги напушти својот татко и својата мајка и ќе се здружи со својата жена, па тие двајца ќе станат едно тело.“
32Тоа е голема мистерија, но ова што го зборувам се однесува на Христос и на Црквата.
33Затоа, ќе ви повторам уште еднаш: секој маж нека си ја сака сопругата, онака како што се сака себеси, а жената нека го почитува својот сопруг.

Селектирано:

Ефесјаните 5: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се