Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 12

12
1Шест дена пред празникот Пасха, Исус се врати во Бетанија. Тоа беше местото каде што живееше Лазар, кого Исус го оживе од мртвите.
2Таму Му беше приредена вечера на Исус. Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние што седеа на трпезата заедно со Исус.
3Тогаш Марија зеде половина литар чист и скапоцен нардов парфем, Му ги полеа стапалата на Исус и Му ги избриша со својата коса. По куќата се рашири пријатниот мирис на парфемот.
4Еден од Исусовите ученици, Јуда Искариот, (кој подоцна Го предаде) рече:
5„Овој парфем можеше да се продаде за триста денарии, а парите да им се разделат на сиромасите!“
6Ова не го рече од грижа за сиромасите, туку затоа што беше крадец. Имено, тој беше благајник и си земаше од парите што беа кај него.
7„Оставете ја!“ - одговори Исус на тоа. „Парфемот бил чуван за да послужи за Мојот погреб.
8Сиромаси секогаш ќе има меѓу вас, а Мене Ме немате секогаш.“
9Во меѓувреме голем број Евреи дознаа дека Исус е таму, па дојдоа, не само заради Него, туку и да го видат Лазара, кого Тој го оживе од мртвите.
10Тогаш свештеничките поглавари решија да го убијат и Лазара,
11бидејќи заради него голем број Евреи ги напуштаа свештениците и почнуваа да веруваат во Исус.
12Следниот ден многубројниот народ што беше дошол на празникот разбра дека Исус доаѓа во Ерусалим.
13Луѓето зедоа палмови гранчиња, па излегоа да Го пречекаат, извикувајќи: „Спаси не сега! Благословен е Тој што доаѓа во името на Господ! Благословен да е Царот на Израел!“
14Исус најде едно младо магаре и се качи на него, токму како што беше претскажано во Светото Писмо:
15„Не плаши се, ерусалимски народе! Погледни! Царот твој доаѓа, јавајќи на младо магаре!“
16Во почетокот Неговите ученици не сфатија дека ова беше исполнување на пророштвото, но кога Исус се прослави, тогаш си спомнаа дека ова беше претскажано за Него и дека тие беа учесници и очевидци.
17А народот што беше со Исус кога Тој го повика Лазара од гробот и го оживе од мртвите продолжуваше да раскажува насекаде за таа случка.
18Како резултат на тоа, многуброен народ излезе да Го пречека, откако слушна дека Тој го направил ова чудо.
19Тогаш фарисеите си рекоа: „Гледате дека се е залудно! Целиот народ тргна по Исус!“
20А меѓу оние што дојдоа на поклонение за време на празникот имаше и некои Грци.
21Тие му пристапија на Филип, кој беше од Бетцаида во Галилеја, и му рекоа: „Господине, сакаме да се сретнеме со Исус!“
22Филип отиде и му кажа на Андреј. Потоа, Андреј и Филип отидоа заедно и Му кажаа на Исус.
23Тогаш Исус им одговори: „Дојде време Синот Човечки да влезе во Својата слава.
24Ве уверувам дека, доколку пченичното зрно не падне во земјата и не умре, тоа ќе остане само едно зрно. Ако, пак, умре, тоа ќе произведе многу нови зрна.
25Човек што себично сака да си го задржи животот, ќе го загуби, а оној што мрази да го живее својот живот само на овој свет, ќе добие вечен живот.
26Кој сака да Ми служи, тој мора да Ми се придружи, зашто и Мојот слуга треба да биде таму каде што сум Јас. А секој што Мене Ми служи, ќе биде почитуван од Мојот небесен Татко.“
27„Сега душата Ми е длабоко потресена, но што да кажам? Зар да се молам: ,Татко, поштеди Ме од ова што Ме очекува?‘ Па токму за таа цел дојдов на овој свет!
28Татко, прослави го Своето име!“ Тогаш се чу глас од небото: „Веќе Го прославив и одново ќе го прославам!“
29Многубројниот народ што стоеше и го слушна гласот, велеше: „Загрме!“ Други велеа: „Ангел Му проговори!“
30Исус им одговори: „Овој глас не се јави заради Мене, туку заради вас.
31Сега е време за суд над овој свет. Владетелот на овој свет сега ќе биде соборен.
32А кога Јас ќе бидам подигнат над земјата - ќе ги привлечам сите кон Себе.“
33Исус го рече ова за да објави со каква смрт ќе умре.
34Народот, пак, Му возврати: „Ние сме слушнале од Светото Писмо дека Месијата ќе остане вечно. Зошто Ти велиш дека Синот Човечки треба да умре и да биде подигнат над земјата? Кој е Тој Син Човечки?“
35„Светлината ќе биде меѓу вас уште малку време“ - им рече Исус. „Дојдете кај Светлината, додека ја имате, за да не ве зафати слепо талкање во темнина.
36Верувајте во Светлината, додека ја имате меѓу вас, за да станете деца на Светлината.“ Исус го изговори ова, па си замина и се скри од нив.
37Иако Исус направи толку големи чуда пред Евреите, најголемиот дел од нив, сепак не поверуваа во Него,
38за да се исполни пророштвото изречено од пророкот Исаија: „Господе, кој и поверува на нашата порака? На кого да му се објави спасоносната сила Господова?“
39Тие не можеа да поверуваат, зашто Исаија го рекол и следното:
40„Бог им ги ослепе очите и им го закорави умот на овие луѓе, за да не гледаат со очите, и да не разберат со умот, та да се обратат и Јас да ги излекувам.“
41Исаија го кажа ова затоа што ја виде Христовата слава и зборуваше за Него.
42Па, иако многумина од старешините поверуваа во Исус, сепак, поради фарисеите криеја, за да не бидат исклучени од синагогата.
43Тие повеќе сакаа да добијат пофалба од луѓето, отколку од Бог.
44Тогаш Исус гласно извика: „Секој што верува во Мене, истовремено верува и во Оној што Ме испрати!
45Секој што Ме гледа Мене, Го гледа Оној што Ме испрати.
46Јас дојдов за да бидам светлина на овој свет. Кој верува во Мене, нема да живее во мрак.
47Јас нема да им судам на оние што ги слушаат Моите зборови, а не ги исполнуваат, зашто Јас дојдов да го спасам светот, а не да му судам.
48За оние што Ме отфрлаат и не ги примаат Моите зборови постои Судија: учењето што го објавив ќе им суди на Судниот Ден.
49Јас не зборувам од самоволие, туку го кажувам и го објавувам она што ми го кажа Таткото Кој Ме испрати.
50Јас знам дека Неговите заповеди носат вечен живот. Значи, сето ова што го зборувам Јас е она што Таткото Ми заповеда да го кажам.“

Селектирано:

Јован 12: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се