Јован 13
13
1Беше ден пред празникот Пасха. Исус знаеше дека дојде времето да замине од овој свет и да се врати кај Таткото. Тој отсекогаш ги сакаше Своите следбеници кои беа во светот, и остана да ги сака докрај.
2За време на вечерата (а Ѓаволот веќе го беше поттикнал срцето на Јуда Искариот, син на Симон, да Го предаде),
3Исус, знаејќи дека Таткото Му предал се во Негови раце и дека од Бог излегол и кај Бог се враќа,
4стана од вечерата, ја соблече наметката и се препаша со крпа.
5Потоа Тој налеа вода во леген и започна да им ги мие стапалата на учениците и да им ги брише со крпата со која беше препашан.
6Кога стигна до Симон Петар, овој Му рече: „Господе, зар Ти да ми ги миеш стапалата!?“
7Исус му одговори: „Ти сега не го разбираш ова што Јас го правам, но подоцна ќе сфатиш.“
8„Не!“ - му рече Петар - „Ти никогаш нема да ми ги миеш стапалата!“ „Ако не те измијам“ - му одговори Исус - „нема да имаш дел со Мене!“
9„Господе“, - му рече Симон Петар - „тогаш измиј ми ги не само стапалата, туку и рацете и главата!“
10Исус му рече: „На искапаниот треба само стапалата да му се измијат, затоа што целиот е чист. Вие сте чисти, но не сите.
11Исус знаеше кој ќе Го предаде и затоа рече: „Сите не сте чисти“.
12Откако им ги изми стапалата и ја облече наметката, Исус повторно седна и им рече: „Сфаќате ли што направив за вас?
13Ме нарекувате Учител и Господ, и со право така велите, зашто Јас навистина сум тоа.
14Кога Јас, вашиот Господ и Учител, ви ги измив стапалата, тогаш и вие треба да си ги миете стапалата еден на друг.
15Јас ви дадов пример за да постапувате и вие како што Јас постапив со вас.
16Ве уверувам дека слугата не е поголем од господарот, ниту пратеникот од оној што го испратил.
17Штом ги знаете овие работи, благословени ќе бидете ако ги извршувате.
18Не ви се обраќам на сите. Јас ги знам оние што сум ги избрал. Но она што го вели Светото Писмо мора де се исполни. А тоа вели: ,Оној што заедно со мене јадеше, ја крена својата петица против мене‘.
19Ви ги кажувам овие работи уште пред да се случат, па кога ќе се исполнат, да поверувате дека Јас Сум Тој што Сум.
20Ве уверувам дека секој што го прима оној што Јас го испраќам - Мене Ме прима; а Кој Ме прима Мене - Го прима Оној што Ме испрати.“
21Откако го рече ова, Исус длабоко се натажи и рече: „Ова што ќе ви го кажам е вистина: еден од вас ќе Ме предаде!“
22Учениците започнаа да се загледуваат еден во друг, прашувајќи се за кого зборува.
23Еден од Неговите ученици беше навален на Исусовите гради. Тој му беше најомилениот ученик на Исус.
24Нему Симон Петар му даде знак да праша на кого се однесува реченото?
25Тој повторно се навали на Исусовите гради и Го праша: „Господе, за кого зборуваш?“
26Исус му одговори: „Тоа е оној на кого ќе му го дадам залакот што ќе го макнам.“ Потоа го макна залакот и му го даде на Јуда Искариот, син на Симон.
27Веднаш по залакот, Сатаната влезе во Јуда. Исус, пак, му рече: „Направи го брзо тоа што си наумил да го направиш!“
28Но никој од присутните не разбра зошто Исус му рече така.
29Јуда беше задолжен за ќесето со пари, па некои помислија дека Исус му порачува да купи се што е потребно за празникот, или да им даде нешто на сиромасите.
30Кога Јуда го прими залачето леб веднаш излезе. А беше ноќ.
31Кога Јуда излезе, Исус рече: „Сега Синот Човечки ќе биде прославен и Тој ќе Му донесе слава на Бог.
32Штом Тој ќе Му донесе слава на Бог, тогаш и Бог ќе Го прослави Него и тоа ќе биде наскоро!
33Чеда Мои, уште малку сум со вас. Потоа ќе Ме барате, но како што им кажав на еврејските старешини, така и вам сега ви кажувам: вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам.
34Нова заповед ви давам: „Сакајте се еден со друг! Како што Јас ве засакав, така и вие да се сакате еден со друг.
35Ако се сакате еден со друг, луѓето ќе знаат дека сте Мои ученици.“
36Симон Петар Му рече: „Господе, каде заминуваш?“ Исус му одговори: „Ти сега не можеш да дојдеш таму каде што Јас заминувам, но ќе Ми се придружиш подоцна.“
37Петар Му рече: „Господе, зошто не можам да Ти се придружам сега? Јас сум готов и својот живот да го положам за Тебе!“
38„Твојот живот ли ќе го положиш за Мене?“ - му возврати Исус. „Те уверувам, дека, уште пред да запее петел - ти трипати ќе порекнеш дека воопшто Ме познаваш!“
Селектирано:
Јован 13: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.