Лука 4
4
1Исус се врати од реката Јордан исполнет со Светиот Дух. Духот Го одведе во пустината,
2каде што Ѓаволот Го искушуваше четириесет дена. За сето тоа време Тој не јадеше ништо и на крајот многу огладне.
3Тогаш Ѓаволот Му рече: „Ако си Ти навистина Божјиот Син, нареди им на камењава да се претворат во лебови!“
4Но Исус му одговори: „Светото Писмо вели: ,Човекот не живее само од леб!‘“
5Тогаш Ѓаволот Го крена на високо место и за миг Му ги покажа сите царства на Земјата,
6па Му рече: „Ќе Ти дадам власт над сите нив и сиот нивни раскош, зашто тие мене ми се дадени и јас можам да ги давам кому што сакам!
7Значи, сево ова ќе Ти припадне Тебе, ако ми се поклониш.“
8Исус му одговори: „Светото Писмо вели: ,Поклонувај Му се на Господ, твојот Бог, и само Нему служи Му!‘“
9Потоа Ѓаволот Го одведе во Ерусалим, Го постави на врвот од Божјиот храм и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, фрли се долу,
10зашто во Светото Писмо пишува: ,Бог ќе им заповеда на Своите ангели да Те чуваат‘,
11и дека тие ќе Те понесат на своите дланки, за да не си ја сопнеш ногата на камен.“
12Исус му одговори: „Но, го пишува и следново: ,Не искушувај Го Господ, својот Бог!‘“
13Исцрпувајќи ги сите можни искушенија, Ѓаволот Го остави, очекувајќи друг погоден момент.
14Тогаш Исус се врати во Галилеја, исполнет со силата на Светиот Дух. Набргу Тој стана познат по целиот крај.
15Тој поучуваше по синагогите и сите Го фалеа.
16Потоа Исус се врати во Назарет, каде што беше пораснал и, како што имаше обичај, во саботата дојде во синагогата. Таму стана да чита од Светото Писмо.
17Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија, а Тој ја отвори на местото каде што е напишано следново:
18„Врз Мене почива Духот на Господ, зашто Тој Ме назначи да им ја донесам Радосната вест на бедните,
19да им навестам ослободување на заробените, да им го вратам видот на слепите, да ги ослободам угнетените, да го прогласам времето на Господовата лагонаклоност.“
20Потоа ја затвори книгата, му ја врати на служителот и седна. Погледите на сите присутни во синагогата беа вперени во Него,
21па Тој им се обрати: „Делот од Светото Писмо што го чувте, се исполни денес.“
22Тој остави силен впечаток кај сите и тие се восхитуваа на љубезните зборови што излегуваа од Неговата уста, па се прашуваа: „Зар Овој не е синот на Јосиф?“
23Тој им рече: „Вие сигурно би ми ја цитирале поговорката: ,Докторе, исцели се самиот себе!‘, а потоа би барале од Мене да го направам и овде, каде што пораснав, она што сте слушнале дека го направив во Кафарнаум.
24Но вистина е дека ниту еден пророк не добива признание во своето место на живеење.
25Еве ја вистината: иако имаше многу гладни вдовици во Израел, во времето на пророкот Илија, кога три и пол години владееше суша по целата земја,
26сепак, Илија не беше испратен кај ниедна од Израел, туку кај една вдовица во Царфат, во Сидонската земја.
27Имаше и многу лепрозни во Израел, во времето на пророкот Елиша, но ниту еден од нив не беше исцелен, туку само Нааман, кој беше од Сирија.“
28Кога присутните во синагогата го слушнаа тоа, многу се разлутија;
29па станаа и Го исфрлија Исуса од градот и Го однесоа на врвот од ридот на кој се наоѓаше градот, со намера да Го турнат во бездна.
30Но Тој успеа да се спровре низ толпата народ и си отиде.
31Потоа Исус замина за Кафарнаум, град во Галилеја, каде што во саботите го поучуваше народот.
32Луѓето беа одушевени од Неговите поуки, зашто Тој зборуваше со авторитет.
33Во синагогата имаше еден човек обземен од демон, кој викаше на сиот глас:
34„Што сакаш од нас, Исусе од Назарет? Зар Си дошол да нe уништиш? Знам Кој си Ти: Ти си Божјиот Светец, испратен од Бог!“
35Исус му заповеда: „Замолкни и излези од него!“ Демонскиот дух го кутна човекот наземи пред очите на сите и излезе од човекот, не повредувајќи го.
36Луѓето беа стаписани и си говореа еден со друг: „Какви моќни зборови, полни со власт и сила да им се заповеда на демони и тие да излегуваат!“
37По ова, веста за Исус се разнесе низ сите околни места.
38Исус си замина од синагогата и дојде во куќата на Својот ученик Симон Петар, каде што неговата тешта лежеше болна и имаше голема треска. Исус беше замолен да ја исцели, а
39Тој се наведна над неа и со заповед ја ослободи од треската. Жената веднаш стана и почна да ги послужува.
40На зајдисонце сите што имаа болни од некаква болест ги носеа кај Исус и Тој ги положуваше Своите раце врз нив и сите тие оздравуваа.
41Од мнозина излегуваа демони, извикувајќи: „Ти си Божјиот Син!“, а Тој им забрануваше да зборуваат, зашто тие знаеја дека Тој е Месијата.
42Следниот ден, во мугрите, Исус стана и отиде сам на едно пусто место. Луѓето почнаа да Го бараат и кога Го најдоа Го задржуваа да не си оди,
43но Тој им рече: „Треба да ја проповедам Радосната вест за Божјото царство и во другите градови, зашто сум испратен за таа цел.“
44И проповедаше по синагогите низ цела Јудеја.
Селектирано:
Лука 4: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.