Лука 5
5
1Еднаш, Исус стоеше на брегот на Генисаретското Езеро, а луѓето се туркаа кон Него за да ја слушаат Божјата порака.
2Тој здогледа две бротчиња извлечени на брегот. Рибарите беа излегле да ги чистат своите мрежи.
3Исус влезе во едно од бротчињата, кое му припаѓаше на Симон, и го замоли малку да го оттурне од брегот. Потоа Исус седна на бротчето и започна да го поучува народот.
4Кога заврши со говорот, Исус му рече на Симон: „Одвеслај понатаму, во подлабока вода, и фрлете ги мрежите.“
5Но Симон Му одговори: „Господару, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но штом Ти заповедаш, ќе ги фрлиме мрежите.“
6Кога ги спуштија мрежите уловија толку многу риби, што речиси им се искинаа мрежите.
7Ги повикаа другарите од другото бротче да дојдат да им помогнат. Тие дојдоа и ги наполнија двете бротчиња со толку риби, што бротчињата речиси потонаа.
8Гледајќи го ова, Симон Петар падна пред Исуса на колена и рече: „Оди си од мене, Господе; јас сум грешен човек!“
9Зашто, голем страв ги беше зафатил и него и оние што беа со него, поради случката со уловените риби.
10Истото важеше и за другарите на Симон: Јаков и Јован - синови на Завдај. Исус му одговори на Симона: „Не плаши се! Отсега ќе одиш по луѓе, а не по риби.“
11Тогаш тие ги извлекоа бротчињата на копното, оставија сe и станаа Исусови следбеници.
12Еднаш, Исус беше во еден град, кога одненадеж Му пријде еден човек заболен од лепра. Кога Го забележа Исуса, тој падна ничкум пред Него и почна да Го моли: „Господине, ако сакаш, Ти можеш да ме исчистиш!“
13Исус ја испружи Својата рака и го допре, велејќи: „Сакам! Биди чист!“ И лепрата веднаш исчезна од него.
14Исус му нареди никому да не кажува, туку да оди право кај свештеникот за да биде прегледан, а потоа да принесе жртва согласно со Мојсеевиот Закон, како сведоштво за другите.
15Но вестите за Исус сe повеќе се ширеа и многуброен народ доаѓаше да Го слуша и да биде исцелен од своите болести.
16Тој, пак, честопати се повлекуваше на пусти места, каде што во осаменост се молеше.
17Еден ден, додека Исус поучуваше, меѓу слушателите седеа и некои фарисеи и вероучители, дојдени од сите градови на Галилеја и на Јудеја, како и од Ерусалим. Силата Господова Го поттикнуваше Исуса да исцелува болни.
18И ете, некои луѓе носеа парализиран човек на носила; тие се обидуваа да го внесат човекот внатре, кај Исус.
19Кога поради големата толпа не успеаја да го внесат внатре, тие се искачија на куќата и преку покривот го спуштија сосе носилата сред народот, пред Исус.
20Кога Исус виде со колкава вера го прават тоа, му се обрати на парализираниот: „Човеку, гревовите ти се простуваат!“
21Вероучителите и фарисеите почнаа да си шепотат меѓу себе: „Овој човек е богохулник! Само Бог може да простува гревови и никој друг!“
22Знаејќи им ги мислите, Исус им рече: „Зошто ви доаѓаат такви зли мисли?
23Полесно ли е да се каже: ,Гревовите ти се простуваат!‘, или ,Стани и оди!‘?
24Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт овде на Земјава да простувам гревови!“ Потоа му се обрати на парализираниот: „Ти наредувам: стани, земи си ја постелата и оди си здрав дома!“
25Пред очите на сите, човекот веднаш оздраве, па стана, си ја зеде постелата на којашто лежеше и си отиде дома, славејќи Го Бога.
26Сите останаа вчудовидени и Го славеа Бога со страхопочит, велејќи: „Чудесни работи видовме денес!“
27Потоа Исус излезе и здогледа еден собирач на данок, по име Левиј, кој седеше на даночна тезга, па му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“
28Левиј стана и оставајќи сe тргна по Исус.
29Набргу потоа Левиј приготви голема гозба во својот дом, во чест на Исус, а меѓу гостите, покрај другите луѓе, имаше и многу собирачи на данок.
30А фарисеите и вероучителите од нивната група почнаа да негодуваат и им рекоа на Исусовите ученици: „Зошто јадете и пиете со собирачи на данок и со други отпадници?“
31На ова, Исус им одговори: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните!
32Јас не дојдов да повикувам праведници на покајание, туку грешници.“
33Тогаш верските претставници Му рекоа на Исус: „Учениците на Јован Крстител редовно постат и се молат, како што прават и учениците на фарисеите, а Твоите ученици јадат и пијат!“
34Исус им одговори: „Зар треба да се тераат сватовите да постат, додека младоженецот е со нив?
35Но еден ден, младоженецот ќе се оддели од нив; тогаш тие ќе постат.“
36Потоа им ја кажа оваа споредба: „Никој не кине парчиња од нова облека за да закрпи стара облека; зашто, така би се раскинала новата облека, а и новата крпа не би прилегала врз старата облека.
37И никој не полни ново вино во стари кожни мешини, зашто мешините ќе пукнат од новото вино и виното ќе истече, а и мешините ќе пропаднат.
38Затоа, ново вино треба да се става во нови мешини.
39Но никој што пие старо вино не посакува ново вино, туку ќе рече дека старото вино е подобро.“
Селектирано:
Лука 5: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.