Филипјаните 2
2
1Затоа, ако наоѓате охрабрување во фактот дека сте Христови следбеници, ако Неговата љубов ве утешува, ако имате заедништво со Светиот Дух, ако сте чувствителни и сочувствувате еден спрема друг, тогаш
2потрудете се мојата радост да биде целосна со тоа што ќе бидете сложни, ќе се сакате, и здружени ќе се стремите кон една иста цел.
3Немојте да правите ништо од себичност, од ривалство и со цел да се истакнете, туку работете скромно и негувајте повисоко мислење за другите, отколку за себе.
4Не гледајте си ги само сопствените интереси, туку грижете се и за потребите на другите.
5Размислувајте онака како што размислуваше Исус Христос:
6Тој, иако по Својата природа е Бог, е ја искористи Својата еднаквост со Бог за да приграби нешто за Себе.
7Напротив, се откажа од тоа и стана слуга, се роди во човечко тело и живееше како човек.
8Како човек, Тој се понижи, остана покорен и по цена на Својот живот, и понизно умре распнат на крст.
9Затоа Бог Го воздигна и Му даде име поголемо од секое друго име.
10Пред тоа име, пред Исус, сите суштества на колена ќе клекнат: небесните, земните и оние под земјата,
11сите отворено ќе признаат дека Исус Христос е Господ! Тоа ќе Му донесе слава на Бог Таткото.
12Затоа, драги мои, како што бевте послушни додека бев кај вас, уште поважно е да останете послушни и сега, кога сум отсутен. Продолжете да работите, со длабока страхопочит, за да се заокружи вашето спасение,
13зашто Бог дејствува во вас, за да ве направи желни и способни да го работите она што Тој го сака.
14Се што ќе правите, правете без да негодувате или да се расправате,
15за да бидете беспрекорни и чисти. Меѓу овие расипани, изопачени луѓе вие треба да бидете совршени Божји деца, да светите меѓу нив како што ѕвездите светат на небото,
16држејќи се цврсто до Пораката што носи живот. Така, кога Христос ќе се врати, јас ќе се гордеам со вас, зашто ќе биде јасно дека моите напори и мојата работа не биле залудни.
17Вашата вера во Господ и вашето служење се жртва што Му се принесува на Бог. Можеби мојата крв ќе треба да се излее како принос врз таа жртва. Ако биде така, јас ќе бидам среќен и ќе се радувам со сите вас.
18Така и вие треба да бидете среќни и да се радувате со мене.
19Ако Му е тоа по волја на Господ Исус, се надевам дека набрзо ќе можам да го пратам кај вас Тимотеј, та кога ќе се врати да ме израдува со вести за вас,
20зашто немам друг истомисленик што толку искрено се грижи за вас.
21Сите други работат за своја корист, а не за делото на Исус Христос.
22Но, тој се има докажано како карактерен човек. Се сеќавате како работевме заедно на ширењето на Радосната вест: како татко и син.
23Се надевам дека ќе можам да го испратам веднаш штом дознаам каква судбина ми се подготвува,
24а се надевам дека Господ ќе ми овозможи наскоро и јас да дојдам кај вас.
25Во меѓувреме, сметав дека е потребно да ви го пратам нашиот брат Епафродит, со кој заедно работевме и се боревме, откако вие ми го испративте да ми помага во разни потреби.
26Тој одвај чека да ве види, копнее да се врати дома, зашто му падна тешко што сте разбрале дека беше болен.
27Навистина беше смртно болен, но Бог му се смилува. И не само нему, туку и мене ми се смилува, за да не ми дојде тага врз тага.
28Брзам да го испратам, за да го видите и да му се нарадувате, па и јас да не бидам толку загрижен за вас.
29Затоа, пречекајте го со радост, како брат во Господ. Таквите како него треба многу да ги цените,
30зашто работејќи за Христос, тој животот си го доведе во опасност и речиси умре, за да ми помогне и да ми го надомести тоа што вие не можевте да го направите за мене, бидејќи сте далеку.
Селектирано:
Филипјаните 2: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.