Филипјаните 3
3
1За крај, драги мои, радувајте се што Му припаѓате на Господ. Мене не ми е тешко одново да ви го напишам истото нешто што веќе порано сум ви го пишувал, бидејќи тоа ќе придонесе да се заштитите.
2Чувајте се од тие зли луѓе, од тие кучиња што тврдат дека обрежувањето е неопходно! Тоа е лажна побожност!
3Ние, а не тие, сме обрежани на вистинскиот начин, зашто преку (Светиот) Дух Му служиме на Бог и се гордееме со Исус Христос. Ние не ја полагаме својата вера во телесни вредности.
4Јас, се разбира, би можел да се потпрам на телесните вредности. Ако некој мисли дека може да се потпира на телесни вредности, нека знае дека јас имам многу повеќе причини така да мислам.
5Обрежан сум кога сум имал осум дена, Израелец сум по раѓање, од племето на Бинјамин - чистокрвен Евреин. Им припаѓав на фарисеите, што подразбира стриктно придржување кон верските закони.
6Бев толку ревносен, што дури ги прогонував христијаните. Толку колку што човек може да биде праведен со почитување на заповедите од верскиот Закон, јас беспрекорно се придржував до нив.
7Но сите тие нешта што порано толку многу ми значеа, сега, кога верувам во Христос, ги сметам за безвредни.
8И уште повеќе, сметам дека се е рамно на загуба во споредба со таа скапоцена придобивка: да се познава Исус Христос, мојот Господ. Заради Него се откажав од сите тие телесни вредности и ги сметам за обичен смет. Христос е се што ми треба.
9Со Него сакам да бидам, не преку моја сопствена праведност, што би произлегувала од придржување кон верскиот Закон, туку преку праведност што се добива заради вера во Христос, праведност што доаѓа од Бог, врз основа на вера.
10Сакам длабоко да Го запознаам Христос, да ја доживеам силата што Го воскресна, да искусам дел од Неговите страдања и да се идентификувам со Неговата смрт,
11па така некако да стигнам до воскреснување од мртвите.
12Јас не велам дека веќе сум успеал да го постигнам тоа, или дека сум станал совршен. Но, и понатаму се стремам да ги постигнам целите заради кои Исус Христос ме придоби.
13Се разбира, драги пријатели христијани, јас не мислам дека веќе сум успеал да го достигнам тоа, но мислам дека успеав да го заборавам она што е зад мене и од се срце да се стремам кон она што е пред мене.
14Трчам право кон целта, за да ја добијам наградата, небесното жителство за кое Бог, преку Исус Христос, не повика.
15Сите што сте духовно зрели, вака треба да размислувате. Ако во нешто не се согласувате, верувам дека Бог тоа ќе ви го разјасни.
16Но важно е да продолжиме да се придржуваме до вистината што веќе ја прифативме.
17Драги пријатели христијани, одете по моите стапки. Гледајте на оние што го следат нашиот пример.
18Многу пати досега сум ви го кажал ова, а и сега, со солзи во очите ќе ви го повторам: има многу луѓе кои според начинот на кој живеат му се непријатели на Христовиот крст.
19Тие ќе завршат во пеколот, бидејќи нивните телесни желби им се бог. Се гордеат со она од што би требало да се срамат и размислуваат само за овоземни работи.
20За разлика од нив, ние сме жители на небото и желно очекуваме нашиот Спасител, Господ Исус Христос, оттаму да дојде.
21Тој ќе ги преобрази нашите слаби, смртни тела и ќе ги направи слични на Неговото славно тело, со истата моќ со која ќе ја преземе власта над се.
Селектирано:
Филипјаните 3: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.