Тит 3
3
1Потсетувај ги луѓето да им се покоруваат на властите и управниците и да бидат послушни. Секогаш да бидат подготвени да прават добро.
2За никого да не зборуваат лошо и да не се караат со луѓето, туку да бидат пријателски настроени и кротки спрема сите.
3Порано и ние бевме неразумни и непокорни, одевме по погрешниот пат, бевме робови на грешни страсти и на секаков вид телесни задоволства. Бевме злобни, завидливи и исполнети со омраза. Се мразевме еден со друг.
4Но тогаш Бог, нашиот Спасител, ни покажа колку не сака и колку ни е благонаклонет,
5кога не спаси, не затоа што со нашите постапки тоа го заслуживме, туку затоа што Тој е милостив. Со силата на Светиот Дух не изми, не прероди и направи од нас нови суштества.
6Изобилно Го излеа врз нас Светиот Дух, преку нашиот Спасител, Исус Христос.
7Не оправда, затоа што ни е благонаклонет и сега можеме да се надеваме дека ќе добиеме вечен живот.
8Ова е веродостојно учење. Те советувам уверливо да ги поучуваш луѓето, па оние што ќе поверуваат во Бог да се стремат кон добри дела, кон работи што ќе бидат полезни за сите луѓе.
9Одбегнувај расправии околу глупави прашања, не препирај се околу родословијата и Мојсеевиот Закон. Од тоа нема никаква полза; само залудно ќе си го губиш времето.
10Оние што изопачено ја проповедаат верата, предупреди ги еднаш, двапати, а потоа остави ги.
11Знаеш дека тие се изопачени и со своите гревови самите си се осудиле.
12Сакам да го испратам кај тебе Артема или Тихик. Кога еден од нив ќе пристигне, потруди се да дојдеш кај мене во Никополис, зашто имам намера таму да ја поминам зимата.
13Кога правникот Зена и Аполос ќе решат да си заминат, погрижи се да ги снабдиш со се што им е потребно за на пат.
14Треба да ги учиме нашите луѓе да не седат со скрстени раце, туку вредно да работат, правејќи добри дела и за други луѓе, кои имаат итни потреби.
15Те поздравуваат сите што се тука со мене. Поздрави ги сите што не сакаат, оние со кои ја имаме истата вера. Бог нека ви биде благонаклонет на сите.
Селектирано:
Тит 3: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.