Филимон 1
1
1Од Павле, кој е в затвор затоа што проповеда за Исус Христос, и од братот по вера Тимотеј, до нашиот соработник, до нашиот сакан Филемон,
2до сестра Апија, до нашиот соборец Архипус и до црквата што се собира во твојот дом.
3Ви посакувам Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос да ви бидат благонаклонети и да ви дадат мир.
4Филемоне, секогаш кога ќе те спомнам во моите молитви, Му благодарам на Бог за тебе.
5Слушам за твојата вера во Господ Исус и љубов спрема сите верни.
6Се молам да имаш успех во споделувањето на верата со другите, па и тие да сфатат какви се благослови Христос ни даде.
7Љубовта што ја имаш многу ме израдува и ме охрабри. Ги зарадува и срцата на сите Божји луѓе.
8Христос ми дава смелост да ти заповедам што треба да сториш,
9но јас, попрво би те замолил да го сториш тоа од љубов. Затоа јас, старецот Павле, затвореник затоа што проповедам за Исус Христос,
10те молам да му помогнеш на Онисим. Тој ми е како син, бидејќи тука во затворот го доведов кај Христос.
11Порано тој беше бескорисен за тебе, но сега е многу корисен и за тебе и за мене.
12Сега го испраќам кај тебе. За срце ми прирасна
13и би сакал да го задржам кај себе, та во твое име да ми помага сега, кога сум во окови, затоа што ја проповедам Радосната вест,
14но не сакав ништо да сторам без твоја согласност. Сакав да го сториш тоа од љубов, а не затоа што јас сум те принудил.
15Можеби токму заради тоа тој за кратко беше одвоен од тебе, за потоа засекогаш да ти се врати,
16но не веќе како роб, туку како нешто многу повеќе, како драг брат. Мене ми е драг пријател, а тебе сигурно ќе ти биде уште подраг и како личност и како човек што верува во Господ.
17Ако ме сметаш за пријател, прифати го како што би ме прифатил мене.
18Ако ти направил некаква штета, или ако нешто ти должи, стави го тоа на моја сметка.
19Јас, Павле, со своја рака ти пишувам: „Јас ќе ти се оддолжам.“ Нема сега да спомнувам дека и самиот ти си мој должник.
20Брате мој, направи ми ја таа услуга заради Господ, зарадувај ме заради Христос.
21Сигурен сум дека ќе сториш се што побарав од тебе, дури и повеќе.
22Приготви за мене соба, зашто се надевам дека твоите молитви ќе бидат услишани и набргу ќе можам повторно да те посетам.
23Те поздравува Епафрас. И тој е со мене в затвор, затоа што проповеда за Исус Христос.
24Те поздравуваат моите соработници Марко, Аристарх, Димас и Лука.
25Господ Исус Христос нека ти биде благонаклонет и духовно нека биде со тебе.
Селектирано:
Филимон 1: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.