Јован 15:9-17
Јован 15:9-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Јас ве сакам исто како што и Таткото Ме сака Мене. Останете под закрилата на Мојата љубов. Вие ќе останете под закрила на Мојата љубов, ако ги извршувате Моите заповеди, исто како што Јас ги исполнив заповедите на Мојот Татко и останувам под закрила на Неговата љубов. Ова ви го кажав за да бидете наполно радосни, како што Сум Јас. Сега ви заповедам: Сакајте се меѓу себе како што Јас ве сакам. Најголема љубов што некој може да ја искаже спрема своите пријатели е да го даде својот живот за нив. Ќе ве сметам за Мои пријатели, ако го извршувате она што ви го заповедам. Не ви зборувам како на Мои слуги, зашто слугите не знаат што прави нивниот господар, туку ве сметам за пријатели, и затоа ви го објавив сето она што Ми го кажа Мојот небесен Татко. Не Ме избравте вие Мене, туку Јас ве избрав вас и ве испратив да одите и да создавате плод - таков плод што трајно ќе остане. Тогаш Мојот небесен Татко ќе ви ја исполни секоја молба што ќе Му ја упатите во Мое име. Значи, ви заповедам да се сакате еден со друг!“
Јован 15:9-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Како што Ме возљуби Отецот, и Јас ве возљубив вас. Останете во Мојата љубов! Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во љубовта Моја, како што Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова. Ова ви го реков за да остане радоста Моја во вас и радоста ваша да биде полна. Ова е Моја заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели. Вие сте Ми пријатели ако го вршите она што ви заповедам Јас. Веќе не ве нарекувам слуги, зашто слугата не знае што работи господарот; туку ве нареков пријатели, бидејќи ви кажав сѐ што сум чул од Мојот Отец. Вие не Ме избравте Мене, туку Јас ве избрав вас и ве поставив да одите и да бидете плодоносни, и плодот ваш да остане, та, што и да посакате од Отецот во Мое име, да ви даде. Оваа заповед ви ја давам: да се љубите еден со друг.“
Јован 15:9-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Како што Таткото Ме возљуби Мене, така и Јас ве возљубив вас. Останете во Мојата љубов! Ќе останете во Мојата љубов, ако ги запазите Моите заповеди, како што и Јас ги запазив заповедите на Мојот Татко и останувам во Неговата љубов. Ова ви го реков за да биде Мојата радост во вас, и вашата радост да биде полна. Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што Јас ве љубев вас. Никој нема поголема љубов од оваа: да го положи сопствениот живот за своите пријатели. Вие сте Ми пријатели - ако го вршите она, што Јас го заповедам. Не ве наречувам веќе слуги; зашто слугата не знае што прави неговиот господар; а вас ве нареков пријатели, зашто ви соопштив сѐ што чув од Мојот Татко. Вие не Ме избравте Мене, но Јас ве избрав вас и ве поставив да одите и да принесувате плод, и вашиот плод да остане; и Мојот Татко да ви даде сѐ што ќе посакате во Мое име. Ова ви заповедам: да се љубите еден со друг!“