Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 21

21
Исус се јавува кај Тиверијадското Море. Му поставува три прашања на Петра. Пророкувањето за Петра и за Јована. Крајот на книгата.
1Потоа пак им се јави Исус на учениците Свои кај Тиверијадското Море. А тоа се случи вака:
2Беа заедно Симон Петар и Тома, кого го викаа Близнак, и Натанаил од Кана Галилејска, и Заведеевите синови, и двајца други од учениците Негови.
3Симон Петар им рече: »Ќе одам да ловам риба.« Му рекоа: »И ние ќе дојдеме со тебе.« Тогаш излегоа и веднаш влегоа во кораб, но таа ноќ ништо не уловија.
4А кога се раздени, застана Исус на брегот, само учениците не Го познаа дека е Исус.
5Исус им рече: »Деца, имате ли нешто за јадење?« Му одговорија: »Не.«
6А Он им рече: »Фрлете ја мрежата од десната страна на коработ и ќе најдете!« Ја фрлија, и не можеа веќе да ја извлечат од многу риби.
7Тогаш ученикот, што го сакаше Исус, му рече на Петра: »Господ е.« А Симон Петар, штом чу дека е Господ, си ја препаша облеката – оти беше необлечен, и се фрли во морето.
8А другите ученици, влечејќи ја мрежата со риби, дојдоа со кораб, оти не беа далеку од брегот, но само околу двесте лакти.
9Кога пак излегоа на земјата, видоа накладен оган, и на него ставена риба и леб.
10Исус им рече: »Донесете од рибите што ги уловивте сега!«
11А Симон Петар влезе и ја извлече мрежата на земја, полна со крупни риби, на број сто педесет и три; и макар што беа толку многу, мрежата не се скина.
12Исус им рече: »Дојдете, јадете!« И никој не смееше да Го праша: »Кој си Ти?«, оти гледаа дека е Господ.
13Се приближи Исус, зеде леб и им даде, исто така и риба.
14Ова беше веќе третпат како им се јави Исус на учениците Свои, откако воскресна од мртвите.
15А кога завршија со јадењето, Исус му рече на Симона Петра: »Симоне Јонин, Ме љубиш ли повеќе отколку овие?« Петар Му рече: »Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.« Исус му рече: »Паси ги јаганцата Мои!«
16Го праша пак, повторно: »Симоне Јонин, љубиш ли Ме?« Петар Му кажа: »Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.« Исус му рече: »Паси ги овците Мои!«
17И по третпат му рече: »Симоне Јонин, Ме сакаш ли?« Петар се нажали дека по третпат го праша: »Ме сакаш ли?« И Му рече: »Господи, Ти сѐ знаеш; Ти знаеш дека Те сакам.« Исус му рече: »Паси ги овците Мои!
18Вистина, вистина ти велам: кога беше помлад, сам се опашуваше и одеше каде што сакаше; кога ќе остариш, ќе ги рашириш рацете свои, и друг ќе те опаше и поведе на каде што нејќеш.«
19А ова го рече, за да покаже со каква смрт ќе Го прослави Петар Бога. И штом го кажа тоа, му рече: »Оди по Мене!«
20А Петар, кога се заврти, виде дека по него оди оној, кого го милуваше Исус, и кој на вечерата се беше навалил на градите Негови и рекол: »Господи, кој ќе Те предаде?«
21Штом го виде Петар него, Му рече на Исуса: »Господи, а овој, пак, зошто?«
22Исус му рече: »Ако сакам тој да остане, дури дојдам, тебе што ти е? Ти врви по Мене!«
23И се пренесе овој збор меѓу браќата, дека тој ученик нема да умре. Но Исус не му рече дека нема да умре, туку: »Ако сакам тој да остане, додека дојдам, тебе што ти е?«
24Тој е ученикот, кој сведочи за овие настани и ги напиша; и знаеме дека сведоштвото негово е вистинско.
25А има многу други работи што ги изврши Исус, и кои, ако би се напишале по ред, ми се чини, не би можеле да се сместат во целиот свет напишаните книги. Амин!

Селектирано:

Јован 21: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се